Два дена не можеше да се дополни картичка ниту да се плати со телефон во автобус, од ЈСП премолчеа дека имаат проблем
Два дена скопјани кои ги користат услугите на ЈСП „Скопје“ не можеа со телефон да си платат во автобус, затоа што валидаторите не ги отчитуваа телефонските повици на 185, бројот преку кој се врши електронско плаќање за билет. Можеше да се плати само со картичките „скопска“.
Препорачано
За проблемот да е уште поголем, оние кои требаше да си ги надополнат картичките не можеа тоа да го сторат ниту вчера ниту денеска наутро затоа што проблем имаа и билетарниците и продавниците каде може да се изврши надополнување. Според објаснувањето на една од вработените во билетарница, вчера цел ден го преседеле со „скрстени раце“ затоа што, според неа, претпријатието имало проблем со интернет конекцијата (?).
Граѓаните, веќе вообичаено беа оставени без никаква информација од ЈСП дека има некаков проблем, па после неколку неуспешни обиди да платат со телефон, збунети, им се обраќаа на возачите барајќи совет како да постапат.
Не можев да платам со телефон, откако пред тоа не можев ниту да ја надополнам картичката. Го прашав возачот дали има картичка да купам во автобус, ми понуди само од 120 денари. Не купив, со сиот ризик да влезат контролорите. Секогаш уредно плаќам, а утрово, не по своја вина, туку поради проблеми на ЈСП требаше по „казна“ да платам трипати поскапа карта. За среќа шоферот имаше разбирање за сите што не можевме да платиме и не инсистираше да купуваме карти. Тврдеше дека нема да имаме проблем со контролорите – раскажа Марија од Карпош за нејзината утринска „авантура“ во автобусите на ЈСП.
Проблемот во билетарниците беше надминат денеска претпладне, а што се случувало, од ЈСП како и многупати досега решија да не одговорат. Досега нема одговор ниту на прашањето зошто не ги информираа граѓаните кои секојдневно ги користат нивните услуги дека не можат ниту да платат со телефон, ниту да ја надополнат картичката. Или стравуваа дека доколку соопштат дека имаат проблем и оние патници кои имаа полни електронски картички ќе ја искористат шансата барем еднаш да се возат бесплатно.
Граѓаните освен со телефон и со електронска картичка немаат друг начин да платат билет за едно возење. Во автобусите веќе неколку години ги нема хартиените билети за едно возење кои чинеа 50 денари и чие пуштање во употреба помпезно беше најавувано од јавното градско претпријатие. Откако првата нарачана тура вакви билети се потроши, други никогаш повторно не беа пуштени во автобусите. Зошто? – од ЈСП не одговараат. Единствен билет што е достапен во автобус е дневниот, кој чини 120 денари.


