Сите што чуваат караман се победници, вели Илија Каров по одржаното Државно првенство

фото: Приватна архива/Слободен печат

На 19 мај 2024 година на Мечкин камен се испиша уште една историја, се одржа 11. Државно првенство за Македонско овчарско куче-Караман. И покрај тоа што првенството има натпреварувачки карактер, на крајот сите заминуваат како победници, вели за „Слободен печат“ Илија Ико Каров претседател на ККМОКК.

– За победници никогаш не зборувам одделно затоа што сите Македонци коишто биле доволно национално свесни и доблесни да придонесат за оваа кауза и веќе имаат дома караман, без исклучок сите се веќе победници и тоа големи! Нашиот клуб најголемите заложби ги полага за интегралното зачувување на ова наше историско, култулорошко и кинолошко наследство на Македонија. Сепак за нас изложбите се од особена важност зошто врз основа на судиската евалуација на караманите содржана во оценските листи, имаме појасен увид во пејзажот на фенотипот на расата. Што би подразбирало дека описите од искусните очи на кинолошките судии во голема мера ги користиме како насока во одгледувачката стратегија. Оваа година проф. др. Панче Дамески, кинолошки судија за сите раси како и рафиниран познавач на нашите автохтони раси ги оценуваше караманите, а делегат беше г-дин Дарко Геговски, обајцата од Прилеп-рече Каров.

 

Караманката Арија е државен првак на Македонија во женска конкуренција. Од бебе ја чува тетовецот Никола Крбалески, потпретседател на клубот, задолжен за пелагонискиот регион. Учесник е во мисиите потрага по карамани.

 

фото: Приватна архива/Слободен печат

 -На првата тетовска вечер одржана во 2016 година во Битола главна награда беше куче со раса караман. И дојде кај мене, талонче број 115 😊. И името му е Бинго, по начинот по кој стигна кај мене. Искрено за оваа раса скоро и да не знаев ништо, но бев пресреќен, и почнав да барам и читам повеќе околу расата. Љубовта кон Караманот ми донесе дополнително задоволство но и обврски. Нареден чекор беше набавка на женка, со цел одгледување на карамани. Женката ми ја поклони Илија Ико Каров. И го дадовме име Бони. Шампионката Арија е ќерка на Бинго и Бони. Родена 2021 година, мое легло или би рекол наше, зошто ние „караманџиите“ сме фамилија – рече Крбалески.

Од 2017 до ден денес тој не пропуштил ниту едно државно првенство, а од неговите легла низ Македонија постојат преку 30-тина единки кои се дел од изложбите

-Арија е мајка на 10 кучиња кој ја красат Македонија, и моментално и државен првак во женска категорија. За крај можам да кажам дека сум чувал и претходно кучиња, но никогаш не сум бил вљубеник како сега. Караманите се кучиња во чии очи буквално гледаш една долга историја, длабока, тажна, но сепак полна со надеж со иднина, борбеност и храброст, всушност ја гледаш Македонија-додава Никола.

фото: Приватна архива/Слободен печат

За радовишанката Кристина Цинцовска ова било прво искуство да ги претстави нејзините карамани на Државно првенство.

-Караманите ги чуваме од 2020. Пред неколку години на телевизија видов еден прилог, каде Илија Каров зборуваше за карактеристиките на оваа раса и тогаш се воодушевив од тоа колку се убави и питоми, но пред сè важни за нас, за Македонија. Ме восхити нивната историја и древност, па му предложив на сопругот да земеме караман. Ние размислувавме за кучиња, ова беше полн погодок! На првенството се претставивме со три кучиња: Бурдуш стар седум години, Црни, стар една година и Кара -шест месеци. Среќни сме за второто освоено место, но највеќе нè радува што бевме дел од оваа ревија и што видовме дека ширум целата земја постојат карамани, караманки и мали караманчиња – рече Цинцовска.

И Влатко Симоновски учествуваше со неговиот Атом.

-Не сме првпат, всушност од 2016 на негова 3 месечна возраст па до ден денес не пропуштаме ревија за Македонско овчарско куче Караман. Атом и уште 3 други караманчиња ги зедов на 5 дена старост од с. Мустафино од сточарското семејство Штериовски кои се занимаваа со одгледување на овци, кутрињата ги предадов на моите другари Илија Ико Каров и Антонио Ивановски. По извесно време отидов ан гости и сакав да ги видам кутрињата. Тогаш едно мало и слатко црно Бисерче почна да ме влече за ногавици-неколку пати пробав да го оттргнам но се беше безуспешно.  Ико и Антонио  ми кажаа дека кучето е тоа што го бира својот сопственик.  Атом го имам цели 8 години со него сме учествувале 8 пати на државното првенство на Македонско овчарско куче- Караман, имаме присуствувано на многу натпреварувања и изложби – вели Симоновски.

фото: Приватна архива/Слободен печат

Каров вели дека неуморно продолжуваат со единствената мисија – Презервација на МОК Караманот во неговото праизданиезачувавње на планината во кучето и кога тоа живее на асфалт и нивната визија Признавање од страна на Светската кинолошка федерација.

фото: Приватна архива/Слободен печат

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот