ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Македонија изобилува со деца коишто владеат математика, физика и информатика, вели професорот Станковиќ од МИГ

Слаѓан Станковиќ / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

Пред четири години беше отворена првата Математичко информатичка гимназија во Скопје. Сместено во просториите на гимназијата „Здравко Цветковски“, ова училиште е со отворени врати за сите талентирани ученици по математика, физика и информатика. Нашата држава изобилува со надарени деца од овие области, вели за „Слободен печат“ професорот по математика Слаѓан Станковиќ.

– Неминовно беше да се отвори гимназија специјализирана за ученици кои ги владеат овие предмети. Ние имаме многу талентирани деца, а тоа се покажува на натпреварите не само во државата, туку и на меѓународните натпреварувања и светски олимпијади. Можеме да се пофалиме со бројни титули, нашите ученици не само што освојуваат награди на натпревари по информатика и математика, учествуваат и на други натпревари. Нашето богатство од награди е непроценливо – вели Станковиќ.

Слаѓан Станковиќ / Фото: “Слободен Печат” / Драган Митрески

МИГ оваа година ја има првата генерација на матуранти.

– Почетокот беше тежок со оглед на тоа што наставата ја почнавме за време на пандемијата од ковид-19, но на 1 октомври 2020 година почнавме. Во првата генерација се запишаа вкупно 24 ученика поделени во две паралелки. Овие деца денес ја испишуваат историјата на МИГ како првата генерација матуранти од оваа гимназија – рече професорот.

Минатата година училиштето се соочи со проблеми околу наставниот кадар за стручните предмети. Родителите се жалеа дека децата губат настава по многу предмети, но професорот вели дека набрзо го надминале тој проблем и дека сега има доволно наставници за сите предмети.

– Тоа што се случи минатата година успешно го решивме, но точно е дека принципите и основите на коишто почива работата во гимназијата е квалитетот, стручноста и знаењето. Минатата година учениците се соочија со една ситуација да не бидат задоволни од она што некој од нас требаше да им го понуди. Моментот се прошири брзо од учениците, преку родителите и до министерсвото, така и стигна до јавноста. За наша среќа за кратко време се обидовме да им ги овозможиме сите барања на учениците – појаснува Станковиќ.

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Математичарите не треба да имаат дилема кое средно училиште да го одберат – МИГ, вели Ивано Божиновски

Професорот вели дека од година во година бројот на заинтересирани ученици расте.

Во тек се уписите, а за тоа кој може да конкурира и од што се состои приемниот испит можете да дознаете од разговорот.

Погледнете го целото интервју во продолжение:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот