Русите тврдат дека собориле неколку воздушни цели на приодот кон Белгород

Фото: Твитер

Руските воздушни одбранбени сили утринава соборија неколку воздушни цели на приодот кон Белгород, а гранати погодија два детски кампа, во напад во кој според првичните податоци нема жртви, соопшти регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков.

„Нашиот систем за противвоздушна одбрана работеше над Белгород и Белгородската област, беа соборени неколку воздушни цели на приодот кон градот, немаше прелиминарни жртви“, напиша Гладков на Телеграм.

Тој наведе дека во Белгород од директни удари на гранати биле оштетени помошниот објект во еден детски камп и стадионот во друг, како и дека се запалила сува трева на површина од 50 метри квадратни.

Покрај тоа, според тврдењата на рускиот функционер, причинета е мала материјална штета на неколку приватни станбени згради во две села во областа Белгород, по нападот на Вооружените сили на Украина.

Како што истакна Гладков, сите оперативни служби работат на терен, а информациите за последиците од овој напад се уште се утврдуваат.

Претходно руските медиуми јавија дека утрово се случиле серија експлозии во центарот на Белгород во моментот кога во тој руски град во близина на границата со Украина била прогласена ракетна закана.

Серија експлозии се слушнале во реонот на централниот плоштад во Белгород во моментот кога се огласила сирената за воздушен напад.

Потоа, околу 15 минути подоцна, во градот одекнала уште една серија од дваесетина експлозии.

„Ракетната закана во Белгород и Белгородската област е откажана по повеќе од еден час“, објави Гладков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот