Слабите резултати на учениците на меѓународните тестирања се комплексен проблем на кој треба да работат сите засегнати страни

Ученици / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Сите треба да работат, почнувајќи од родителите, да се обезбедат услови за што поголем опфат на деца во предучилишни установи, да се користат современи методи, да има обука за наставниците. Сите овие работи се направени со цел да се постигнат подобри резултати. За некоја година ќе ги видиме резултатите и од новата концепција воведена во основното образование, а сметам дека тие ќе бидат подобри, вели директорката на Државниот испитен центар

Македонија со години е на дното на меѓународните тестирања на знаењата на учениците. Резултатите од последното тестирање на ПИСА од 2022 година ги рангираа средношколците на 61. место според резултатите по математика и на 71. место по јазична писменост, од вкупно 81 држава. Учениците постигнаа 380 поени по природни науки, што ја рангираше државата на 68. место во Европа. Во таа година учениците од поголемиот дел од земјите што учествуваа во тестирањето покажаа послаби резултати, а причината беше ковид-пандемијата.

Зошто македонските ученици со години имаат слаби резултати на меѓународните тестирања по природни науки, математика и читање со разбирање? Во што е проблемот и дали се презема нешто?

Одговорот е дека за овој проблем многу фактори се во прашање, а и решенијата се комплексни.

УЧЕНИЦИ ПРВАЧИЊА ШКОЛО УЧИЛИШТЕ ДЕЦА СКОПЈЕ (1)
Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Проф. д-р Калина Малеска од Филолошкиот факултет за „Слободен печат“ вели дека влијание имаат пристапот во наставата, учебниците во кои недостигаат вежби што поттикнуваат на логично и креативно размислување, околностите во училиштата, но и пошироко, општествените и технолошките промени, а некогаш повеќе може да станува збор и за недостиг на мотивација, отколку за неможност да се постигнат подобри резултати. Според неа, за да се подобри функционалната писменост треба да се работи на промена на сите овие фактори.

Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска посочува дека во 2022 година голем дел од земјите имаа пониски резултати на ПИСА тестирањето, но додава дека проблем, сепак има, и сите надлежни тоа мора да го признаат и да работат да го решат. Според неа, слабите резултати не се само заради тоа што го работи наставникот во училиштето, туку тоа е комплексен проблем во кој се инволвирани сите.

Зошто учениците се слаби на меѓународните тестирања?

ПИСА е едно од најпознатите и најкредибилни меѓународни тестирања кое ја мери писменоста, односно применливото знаење што му е потребно на ученикот за да го продолжи своето образование и да успее во личниот и професионалниот живот. Задачите во тестовите се поврзани со реални ситуации во кои може да се најдат учениците, а преку одговорите не се мери репродуктивното, туку функционалното знаење кое е важно за поврзувањето, разбирањето и за решавањето на проблемите.

Министерството за образование и наука по објавувањето на резултатите излезе со соопштение дека причината за нив е негативната последица од ковид-пандемијата врз образованието. Според Министерството, резултатите покажуваат генерално намалување на нивото на јазичната, математичката и научната писменост кај учениците на 15-годишна возраст во речиси сите држави-учеснички. Министерот Јетон Шаќири тогаш изјави дека не е задоволен од резултатите и посочи дека се потребни реформи. Според него, наставниот кадар е клучен во креирањето на подобри резултати.

Тогаш реагираше и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, од каде посочија дека „висока е цената што ќе ја платиме, ако кризата со учењето не стане национален приоритет“. Претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани порача дека „државата треба да биде сериозно загрижена од најновите резултати коишто покажуваат уназадување“ и дека „предолго време дозволуваме децата да заостануваат во читањето, математиката и природните науки“.

Директорката на Државниот испитен центар Билјана Михајловска смета дека во различни држави различни фактори имаат влијание, но има и сличности на светско ниво.

– Тука сите имаат улога, почнувајќи од креаторите на образовните политики, тие што решаваат каква ќе биде наставната програма, потоа како врз основа на тие програми ќе бидат направени учебниците, па како тоа ќе се спроведе во училниците, кои методи и техники ќе ги користат наставниците, каква е мотивацијата на ученикот и со какво предзнаење доаѓа од дома – појасни Михајловска.

Билјана Михајловска / Фото: „Слободен Печат“ / Драган Митрески

Сите тие фактори кога ќе се соберат создаваат многу комплексно прашање, додава таа, и не може да се каже дека проблемот е еден.

– Од сите истражувања што ги имаме правено, има некои кои се поклопуваат со сознанијата на светско ниво и на кои може и мора да се работи. На пример, книгите во домот. Учениците кои на прашалниците одговориле дека имаат повеќе книги дома, имаат повисок резултат и на светско ниво и кај нас. Не треба да ги оставиме децата да читаат само куси текстови на интернет, не смееме да ги заборавиме книгите. Второ, константен проблем е образованието на родителите. Колку е повисоко образованието на родителите, толку е подобар резултатот на учениците, бидејќи очигледно е дека личните карактеристики кај родителите се рефлектираат кај учениците. Одењето во градинка, исто така, има големо влијание. Секогаш учениците кои оделе две до три години во градинка имаат повисоки резултати – вели директорката на Државниот испитен центар.

Ученици / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Михајловска посочува дека мора да се работи и со учениците кои се школуваат во руралните средини, бидејќи оние кои учат во градските средини секогаш покажуваат подобри резултати на тестирањата.

– Има еден фактор што постојано се појавува кај нас, тоа е социоекономскиот статус на родителите, но и на училиштето. Колку е подобра положбата на училиштето, но и на родителите, толку се подобри резултатите на учениците. Според мене, не можеме да оставиме учениците кои потекнуваат од семејства со понизок социоекономски статус да имаат пониски резултати и затоа училиштата мораат да вложат многу повеќе – изјави Михајловска.

Уште еден забележлив фактор е тоа што училиштата со повеќе ресурси и воннаставни активности имаат подобри резултати.

– Сите треба да работат, почнувајќи од родителите, да се обезбедат услови за што поголем опфат на деца во предучилишните установи, да се користат современите методи, да има обука за наставниците. Сите овие работи се направени со цел да се постигнат подобри резултати. За некоја година ќе ги видиме резултатите и од новата концепција воведена во основното образование, а сметам дека тие ќе бидат подобри – заклучи директорката на Државниот испитен центар.

Што треба да се преземе за да се подобрат резултатите?

Професорката Малеска е координаторка на проектот за развој на функционалната писменост во основните и средните училишта. Таа вели дека овој проект засега се спроведува на доброволна основа, односно без финансиски средства.

– Поради тоа, во оваа прва фаза поканата за учество беше испратена преку Здруженијата на наставници, при што фокус група беа наставниците по мајчин јазик и по странски јазици. За учество во проектот индивидуално се пријавија 30 наставници од 23 основни и средни училишта. Освен овој наставен кадар од основните и средните училишта, во проектот учествува и наставен кадар и постдипломци од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – посочува проф. Малеска за „Слободен печат“.

калина малеска

Калина Малеска / Фото: Игор Тодоровски

На прашањето дали се забележува некаков напредок професорката истакна дека во моментов работат во групи на подготовката на активности кои се во согласност со препораките и насоките за подобрување на функционалната писменост во делот читање со разбирање.

– Преку истражување научни трудови што се занимаваат со оваа тема и учество во семинари и работилници за функционална писменост во областа читање со разбирање, подготвив општи начела што ни служат како насоки при изработка на активности кои би се применувале на часовите со учениците од основно и средно училиште на кои им предаваат наставниците што учествуваат во проектот. Засега работиме на обмислување активности кои би се применувале следното полугодие, што значи дека сè уште не се применети во училиштата. Првичните резултати и податоци би ги имале приближно во декември оваа година – додава таа.

Овој проект се фокусира на еден од факторите што треба да ја подобрат функционалната писменост, а тоа е пристапот во наставата. Конкретно се работи на обмислување активности за да им овозможат на учениците вештини со кои ќе можат да поврзат информации од повеќе извори, да извлечат релевантни заклучоци од дадени текстови, да читаат со разбирање, критички да размислуваат и аргументирано да го изразат своето мислење.

– Резултатите од меѓународните тестирања се некаков показател, но тие тестови често се поврзани и со културолошки фактори и не секогаш се приспособени на условите во кои се спроведуваат. Затоа поважно од подобрувањето на резултатите на стандардизираните тестови треба да биде подобрувањето на образованието општо – заклучи професорката Малеска.

Разочарувачки резултати имаше и во регионот

Ова е четврто учество на Македонија во ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно државата беше дел од студиите во 2000, 2015 и 2018 година. Во месеците април и мај 2022 година беа опфатени 6.610 ученици од 111 средни училишта, каде во зависност од големината се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и на албански јазик. Реализатор на студијата кај нас е Државниот испитен центар.

Во 2000 година Македонија беше на 38. место во читање со разбирање и во математика, додека за природни науки на 36. место. Таа година учествуваа 41 земја.

Во 2015 година имаше 72 земји-учеснички, а Македонија беше рангирана на 69. место за читање со разбирање и за природни науки и на 68. место за математика.

Во 2018 година македонските ученици беа рангирани на 66. место за читање, 67. место за математика и на 62. место за природни науки.

Последното тестирање ПИСА не донесе добри вести ниту за регионот. Полош просек од нас во сите три категории имаат Албанија и Косово. Но, и просекот на учениците во Србија е под оној на земјите од ОЕЦД. Во сите параметри најдобро помина Хрватска, со просек од 472 поени по математика, 476 во читање и 485 во природни науки. Босна и Херцеговина не учествуваше во ова тестирање.

Училница / Фото: „Слободен печат“ /Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот