„Прегори“ персоналот на Онкологија, сестрите паѓаат во несвест, пациентите чекаат со часови

Онкологија /Фото: / ''Слободен печат''/ Слободан Ѓуриќ

На Клиниката за онкологија, за во дневната амбуланта, потребни ни се барем 10 вработувања на медицински сестри и тоа веднаш, затоа што во моментов работат само 6 сестри, меѓу кои и жена која има карцином, жена која е бремена и жена која се онесвести неодамна поради здравствени проблеми. Пациентите се премногу, а персоналот е исклучително редуциран. Исто така е потребно итно да се дисперзираат услугите на другите клиники во внатрешноста, бидејќи само во 2024 година имаме 1.900 нови пациенти со карцином. Ова вака не може да се постигне, секој ден дел од кадарот ми најавува отказ, изјави за „Слободен печат“ директорката на Клиниката за онкологија доктор Виолета Клисаровска.

Таа додава дека сите терапии кои се администрираат во дневната болница се такви за кои се потребни часови, некогаш по пет или по шест часа, па затоа се случува пред вратата да има огромен број на пациенти, па дури и пациентите да се презакажат за наредниот ден. Кадарот според директорката Клисаровска работи исклучително напорно и вложува натчовечки напори, меѓутоа потенцира дека персоналот е „прегорен“.

Нејасно е зошто не е на задоволително ниво функционирањето на другите онколошки одделенија во внатрешноста на државата па пациентите патуваат дури до Скопје, за да добијат терапија. Досега требаше да профункционира и онколошкото одделение во ГОБ „8 Септември“ ама тоа не се оствари. Така сите пациенти со карцином, и оние кои се лекуваат со години, но и новодијагностицираните, доаѓаат во слабо екипираната Клиника за онкологија. Таму чекаат со часови за да дојдат на ред за примање хемотерапија или за преглед кај онколог. Страдаат и пациентите и вработените.

Во меѓувреме, Министерството за здравство се нема погрижено да обезбеди вработувања на Клиниката за онкологија, било на онколози или на сестри кои администрираат терапија во дневната болница. Овие кадри се во дефицит, но се вработуваат кадри на Клиниката за токсикологија каде е спорно дали се потребни или не.  Пациентите фаќаат ред за примање хемотерапија уште во 7 часот наутро, зашто е познато дека метежот е огромен.

Клиниката за онкологија остана без експертизата на доктор Нино Васев, поради тоа што тој е оддалечен од работното место поради тоа што е дел од истрага на Јавното обвинителство. Неговите пациенти ги преземаат други доктори. На почетокот на министерувањето на министерот Илир Демири, тој го поништи тендерот за набавка на КАТО системот на Клиниката за онкологија, што претставува автоматизиран систем за компјутерска подготовка на цитостатици и биолошка терапија. Неговото образложение беше дека единствената српска фирма која се пријави на јавниот повик немала електронски потпис. Демири даде скандалозна изјава дека претпочита македонска фирма да го работи инсталирањето на КАТО системот, иако таква фирма во Македонија не постои.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот