ВМРО-ДПМНЕ го губи спикерското место?

Собрание

Сè уште нема договор кому да му припадне претседателското столче во Собранието, велат од ВМРО-ДПМНЕ, иако потврдуваат дека албанскиот партнер врши голем притисок за таа функција.

Трансформацијата на министерствата што ја најави идниот мандатар Христијан Мицкоски е клучот по кој се врши распределбата на ресорите во новата влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“. Бидејќи Мицкоски најави реорганизација на владата, преговорите со „Вреди“ се водат за ресори што ќе функционираат по реформата на владата. Според ова, ресорот труд се спојува со ресорот економија, односно „Вреди“ добива еден министер, освен ако ресорот социјала не отиде кај неа. Нема да постои ниту вицепремиерското за добро владеење, кое го споменува Таравари, а неизвесно е и дали ќе опстои функцијата прв вицепремиер.

На нова средба вчера требаше да привршуваат преговорите меѓу двете страни. Во меѓувреме се споменуваат дел од кадровски решенија што ќе министеруваат во владата на Мицкоски. Додека од „Вреди“ брифираат дека главниот колач, односно првиот ешалон е веќе договорен, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека преговорите уште траат и дека поделбата не е завршена.

Според информации од „Вреди“, освен спикерското столче во Собранието, коалицијата ги добива министерствата за здравство, за труд и социјала, економија, животна средина и евроинтеграции, како и еден вицепремиер, најверојатно за борба против корупцијата. Ова значи дека „Вреди“ ќе раководи со пет министерства, еден вицепремиер, ако остане формулацијата прв вицепремиер, тоа ќе биде еден од министрите, како и претседател на Собранието. Веќе се шпекулира и со имиња на можните министри од „Вреди“. Арбен Таравари во изјава за МИА вели дека сè уште не решил дали ќе биде министер за здравство и потврдува дека се точни дел од написите.

– За директори уште немаме зборувано. За министри, од Алијанса, кажав дека ќе имаме заменик-премиер, односно министер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство, двајца заменик-министри за одбрана и за земјоделство и двајца државни секретари. За еден знам, за здравство, за другиот не сум сигурен – вели Таравари.

За претседател на Собранието се споменува лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
Од ВМРО-ДПМНЕ за „Слободен печат“ велат дека уште нема договор претседателот на Собранието да биде од „Вреди“, иако потврдуваат дека за таа функција голем е притисокот од албанскиот партнер.
Собранието се подготвува за конститутивната седница.

На координацијата со претседателот на Собранието, Јован Митрески, договорено е таа да биде закажана за 28 мај за да се завршат евентуалните приговори до ДИК по прегласувањето вчера во Петата и во Шестата изборна единица. Како што објавивме, со седницата ќе претседава највозрасната пратеничка Мерита Колчи Коџаџику, а на дневен ред ќе има три точки – избор на Верификациска комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата и избор на претседател на Собранието. Според собраниски извори, за да се избегне номинација на повеќе кандидати за претседател на Собранието, ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ најверојатно ќе одат на варијантата новиот собраниски спикер да го предложат 20 пратеници наместо тој да биде предлог на Комисијата за избори и именувања. Во таков случај помали се шансите СДСМ, ДУИ и Левица да излезат со свои предлози за спикерското столче, бидејќи секоја од нив посебно немаат 20 пратеници.

По прегласувањето во Петтата и во Шестата изборна единица, дојде до промена на новиот собраниски состав. Во „шестката“ пратеничка стана Имерлие Салиу од коалицијата „Вреди“, а мандатот го изгуби Фатмире Исаки од Европскиот фронт. Во „петката“ и по прегласувањето нема промена на мандатите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот