ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Димитар Апасиев, Левица: Историјата ни се повторува, а пред нас е идеолошката поделба на партизани, врховисти и балисти

Димитар Апасиев / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

Со „пасокизацијата“ на СДСМ завршен е првиот дел од задачата на Левица, која во идниот парламентарен состав ќе биде деконструктивна опозиција на власта, поставена на идеолошката борба помеѓу левицата и десницата, вели Димитар Апасиев, претседателот на Левица.

Во утринската програма на Слободен печат тој се осврна на новата парламентарна колација во создавање, помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“.

– „Вреди“ се необалисти и тоа е многу опасно. Тие се отворено со карти на „Голема Албанија“, видете ги спомениците на оние „кољачите“ во Гостивар, сквернавењето на спомениците на македонското знаме, тоа е сè нивно масло. Тие што сега доаѓаат се полоши, бидејќи не ја чувствуваат државата за своја. И овие претходниве од ДУИ не ја чувствуваа за своја, ама беа приморани да играт по некои западни ноти, бидејќи на врат им висеа хашки случаи – изјави Апасиев.

Тој смета дека на македонија ѝ се случува враќање на историјата и судир на партизани и балисти, како и на партизани против врховисти.

– Ние ја враќаме историја во еден т.н. хегелијански процес и судир на левица и десница и борба на партизани, врховисти и балисти – посочи Апасиев.

Како алтернатива на актуелниот систем тој го предлага „социјализм на македонски начин“, како аналогија на кинескиот социјализам. Апасиев тврди дека „Западот е во процес на декаденција, за разлика од Кина која е во голем подем“. Ваквата состојба во геополитиката, според него ќе доведе до огромни поместувања во меѓународните односи кои ќе донесат промени и кај нас, по што ќе биде возможно да се воспостави социјализам и во Македонија.

Тој е уверен дека држава од типот на поранешна Југославија е единственото место во кое балканските народи можат во потполност да се реализираат и да водат сериозна политика.

– Првата мантра е дека Југославија била презадолжена и благодарение на странските кредити се живеело. Фактографијата е сосем спротивна, сега ние, екс-ју републиките, сме седумкратно позадолжени од Југославија кога пропадна. Што вие гледате материјално како бенефит? Еве ние треба седум пати подобро да живееме според таа логика, така – прашува Апасиев.

Целото интервју со нашиот гостин погледнете го на линкот:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот