Груевски се спаси од девет, Јанакиески од три години затвор: И одбраната и обвинителот побараа застарување на ТНТ

Случај „ТНТ“, Миле Јанакиески
Случај „ТНТ“, Миле Јанакиески/Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

И одбраната на обвинетите и застапникот на обвинението на денешната јавна седница на Апелациониот суд побараа судот да прогласи апсолутна застареност на ТНТ за уривањето на станбено-деловниот комплекст Космос на Фијат Цановски во Општина Гази Баба.

Адвокатот на одбраната Еленко Миланов по јавната седница изјави дека побарале согласно измените на Кривичниот законик од септември годинава судот да утврди дека настапила апсолутна застареност на кривичното гонење во однос на сите обвинети.

– Истото го побара и застапникот на обвиненеието во неговото произнесување, кој повика судот по службена должност да го примени поблагиот закон и да донесе одбивателна пресуда – изјави адвокатот Миланов пред судот.

Тој додава дека согласно Законот з акривична постапка, Апелацискиот суд сега треба да ја преиначи првостепената пресудата, на тој начин што ќе донесе пресуда со која се одбива обвинението поради апсолутна застареност.

– Дали тоа ќе го направи по повод жалбите или по службена должност, тоа е одлука на судот – додаде Миланов.

Во врска со обвинувањата за судски преседан што викендов ги изнесе Фијат Цаноски кој тврдеше дека се подготвува застареност на предметот „ТНТ“ со што компанијата „ФИНЕ“ нема да ја добие оштетата од 11 милиони евра, колку што е утврдено во првостепената пресуда, адвокатот Миланов вели дека таквите изјави се притисок врз судот.

– Ако таа фирма поседува факултет, на кој има и правен факултет, а за ниеден од наводите што ги изнесоа немаше професор од тој факултет од кривично правната област, сметам дека е доволно јасно дека немаше апсолутно ништо што е согласно со законот во она што тие го истакнаа. А де факто, се обидоа да направат невидена пресија. Повторно е она што се констатира постојано, дека бизнис-елити или политичари се обидуваат да вршат притисок врз судството – рече Миланов.

Во првостепената пресуда за ТНТ за уривањето на „Космос“ поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на девет години затвор, а ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески на три години затвор. Обвинетата Елисавета Најдовска е осудена на четири години затвор, а исто толку доби и Тони Трајковски, поранешен градоначалник на општина Гази Баба. Ним им се судеше за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, а според обвинението во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на станбено-деловниот комплекс.

Цаноски како сопственик на компанијата „ФИНЕ“ вчера на прес-конференција обвини дека се подготвува застареност на предметот „ТНТ“ со што компанијата нема да ја добие оштетата.

– Судијата известител и претседател на советот Ѓоко Ристов наместо да постапи согласно одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП) за предметот и да закаже интерен термин за советување и гласање по предметот, тој закажува нова јавна седница за 6 ноември, со цел, знаејќи дека ако таа се одржи, тогаш Советот ќе мора да донесе само една единствена одлука, да констатира застареност за кривично гонење спрема обвинетите и „ФИНЕ“ засекогаш да остане без својата отштета од 11 милиони евра – рече Цаноски.

Од Апелацискиот суд реагираа дека судечкиот совет постапува согласно Законот за кривична постапка. На првата јавна седница во на 8 мај членовите на советот ги разгледувале и ги оценувале жалбите.

– Со оглед дека се работи за обемен и комплексен предмет со огромен број докази и пред мериторно одлучување, поради констатираните неусогласености помеѓу записникот за советување и гласање на првостепениот суд и изворникот на првостепената пресуда со писмениот отправок на изготвената пресуда во делот на изречената казна на еден од обвинетите, како и во делот на засметување на притворот во изречените казни, на заседанието одржано на ден 11.7.2023 година, членовите на судечкиот совет одлучиле предметот со сите списи административно да се врати на првостепениот суд заради отстранување на горенаведените неусогласености кои претставуваат процесна пречка за донесување на второстепена одлука – соопшти Апелација.

Првостепениот суд на 1 септември донел Решение за исправка, списите се комплетирале на 5 октомври, Вишото јавно обвинителство одговорило на 12 октомври, по што Апелација веднаш ја закажала јавната седница.

Поранешниот министер Јанакиевски на првата јавна седница на Апелација процени дека во пресудата за ТНТ има многу пропусти и побара да биде ослободен или предметот да биде вратен на повторно судење, затоа што на денот на објавување на пресудата бил осуден на три години затвор, а писмено е осуден на три години и шест месеци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот