Груевски: Лага е дека јас или ВМРО-ДПМНЕ сме организирале упад во Собранието на 27 април

Груевски по правосилноста на пресудата за предметот „Тенк“ избега во Унгарија каде побара и доби азил. / Фото: Слободен печат

Груевски истакна дека новото обвинение за 27 април исто како и претходното е политички мотивирано и конструирано.

Лага е веста дека јас или партијата ВМРО-ДПМНЕ сме организирале упад во Собранието на 27ми април 2017, наведе вечерва на неговиот фејсбук профил поранешниот премиер Никола Груевски, откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција го објави обвиниението, според кое тој, Трајко Вељановски, Миле Јанакиевски, Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошковски, во 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата.

Груевски истакна дека новото обвинение за 27 април исто како и претходното е политички мотивирано и конструирано.

„Ако претходното обвинение беше во функција на промената на името, идентитетот, уставот и историјата, новиот случај е во функција на следните парламентарни избори“ напиша поранешниот премиер.

Тој посочи оти не е вистина дека тој му давал инструкции на Вељановски да го спречи изборот на нов претседател на Собранието, како и дека лага оти Ристовски и Јанакиевски имале добиено инструкција од партијата да мобилизираат членство за насилен упад во Собранието со цел тепање на пратениците или со каква било цел.

„Тогашните мирни протести организирани од граѓанската иницијатива нам како партија ни одговараа бидејќи имавме иста позиција во врска со Тиранската платформа. Но, нагласувам: мирни протести“, додава поранешниот премиер.

Груевски нагласи дека партијата – опозициската ВМРО-ДПМНЕ, никогаш немала таква одлука за насилен влез во парламентот и тепање пратеници, ниту пак, како што наведе, актите на партијата дозволуваат таква одлука.

„Ниту на денот на настанот или претходниот ден кога бев на службен пат во Виена, ниту претходно, било кому сум издал инструкција дека треба да се организира насилен влез во парламентот и тепање пратеници“, посочи тој.

Претходно денеска, Обвинителството го објави обвинението според кое Груевски и другите петмина со акти на насилство, за да оневозможат примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство, организирале протести кои материјално ги помагале, постојано го намалувале бројот на полициски службеници ангажирани за обезбедување на протестите и на Собранието во кои ги вклучиле патриотските здруженија, презеле мерки да се отстранат пречките за да се овозможи непречен влез на масата народ во Собранието на Република Македонија во Скопје, ангажирале лица за вршење насилство за да се оневозможи и спречи избор на претседател на Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот