Груби по повеќе од една година „ги заврши обврските“ и се врати како што избега – лежерно и со насмевка
По повеќе од една година поранешниот вицепремиер Артан Груби „ги заврши обврските“ и се врати во Македонија, но не кај неговото семејство, туку во Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка.
Препорачано
Иако во утринските часови како „бомба“ одекна информацијата дека „Артан Груби е уапсен“, од фотографиите и видеата, најверојатно снимени од истражните органи, а кои беа објавени само на некои медиуми, можеше да се забележи дека Груби доброволно се појавил на граничниот премин Блаце, го предал пасошот и лежерно, со насмевка им ги подал рацете на полицајците за да му стават лисици.
Откако културно беше уапсен, Груби за кратко беше однесен во Шутка, а директорот на затворот Бобан Утковски за „Слободен печат“ ја потврди информацијата. Дошол без адвокат, не бил во посебна ќелија, ниту имал посебно обезбедување.
– Овде сите се обезбедени, нема посебни ќелии – ни одговори кусо Утковски. Единствена институција што излезе со официјална информација, рано наутро откако неофицијално беше пуштена веста во повеќе медиуми, беше Министерството за внатрешни работи кое го бараше Груби со меѓународна потерница.
„Денеска (23.2.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, соопшти Министерството.
За Груби имаше правосилно решение за притвор, но не е исклучено од Шутка да биде изведен пред судија на претходна постапка. Тој беше главното име на кое се водеше предизборната кампања на сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ. По смената на власта за него се отвори истрага и пред да избега беше ставен на црната листа на САД заедно со судијата Енвер Беџети поради „вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството“.
Груби е осомничен, но не и обвинет
Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков за масовното прислушување.
Груби е осомничен за „Проневера во службата“ затоа што претседавал со владина седница во моментот кога Владата ја задолжила Државната лотарија да набави ВЛТ-терминали за да почне самостојно да организира електронски игри на среќа. Досега нема обвинение за него за овој случај, а нема ниту информации до каде е предметот што беше оформен за сомнежите за корупција со судијата Беџети.
За „Лотарија“ освен Груби е обвинет и Перперим Бајрами, кој сè уште е во бегство.
Артан Груби веќе е во Шутка – објавено видео на кое е со насмевка
Според Обвинителството, Бајрами, кој бил претседател на Управниот одбор и генерален директор на „Државна лотарија“, на 9.5.2023 година електронски до Владата во својство на Собрание на акционери на друштвото доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ-терминали и нивно имплементирање.
Проценетата вредност на таквата набавка изнесувала 42% од сметководствената вредност на друштвото определена со последните финансиски извештаи, односно станува збор за голема зделка за која во согласност со закон е предвидена постапка за одобрување од Управниот и од Надзорниот одбор на „Државна лотарија“, а не од Собранието на акционери.
Груби е осомничен за „Проневера во службата“ затоа што како вицепремиер претседавал со седницата на која Владата ја задолжила Државна лотарија да набави ВЛТ-терминали за да почне самостојно да организира електронски игри на среќа. По истрагата имаше правни толкувања дека Груби, иако претседавал со седницата, не може да одговара за колективна одлука на Владата. Последните информации од Обвинителството беа дека истрагата во која е осомничен Груби е речиси завршена и дека единствено се чека негова екстрадиција. Доказите биле собрани, имало и финансиско вештачење, но таа била во привремен прекин зашто го немаше Груби.
Како избега?
Груби избега на крајот на декември и откако беше објавено дека е во бегство, тој излезе со објава на својот фејсбук-профил на која напиша: „Денеска бев во приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш штом ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство“, напиша Груби, а претходно се повлече од ДУИ иако тврдеше дека бил „чист како солза“.
За неговото фамозно бегство беше казнет граничен полицаец што, според верзијата на власта, наместо да гледа во мониторот дека Груби е на „стоп листа“, тој си муабетел со него.
– Во конкретниов случај каде е грешката и кабаетот на полицаецот? Наместо да се заврти и да погледне во мониторот што му дава информација дека предметното лице е ставено на „стоп листа“, тој си комуницира со возачот и со лицето на совозачкото место. Тоа се гледа од снимките. Не знам зошто така одлучил, дека не треба да погледне – тоа му е по опис на работни задачи. Возилото си поминува и по кратко време погледнува во мониторот, се шокира дека лицето е на „стоп листа“ и избезумено трча натаму-наваму како мува без глава како последица на фактот што го констатира откако лицето веќе не е на македонска територија – тврдеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.


