Градоначалникот на Охрид резигниран: И јас не сум за тоа да се изгради хотел место „Парк“, но дозволата е важечка!

Ќе постапиме по укажувањето на Владата ќе доставиме информација за постапката на одобрение за градба за објектот на местото на ресторанот Парк, но да беше истечена дозволата јас немаше да излезам и да кажам дека има правосилно одобрение, изјави за „Слободен печат“ во телефонски разговор охридскиот градоначалник Константин Георгиевски, во врска со случајот Парк.  Владата завчера побара од Општина Охрид да се стопира изградбата на хотелски објект на местото на некогашниот ресторан Парк на само 50 метри од езерскиот брег.

Инвеститорот кој планира изградба на хотел со приземје и три ката, дозволата која има рок на важност две години, ја добил во 2018, но на терен не беа видливи градежни активности ниту по истекот на рокот лани, се до минатиот викенд кога за само еден ден просторот беше ограден а багерите го срамнуваа со земја ресторанот, чијшто проект беше на охридски архитект и носител на награди и признанија. Граѓанската организација Охрид СОС и Здружението на архитекти само неколку дена пред уривањето до Министерството за култура доставија и официјално барање Парк да биде заштитен од државата.

Сепак, Георгиевски тврди дека инвеститорот имал важечко одобрение за градење. “Инвеститорот имаше поднесено известување до Општина во јуни 2019 дека почнува со градба и тој во нашиот електронски систем фигурира со уредна дозвола, вели тој и појаснува дека е доволно инвеститорот изминатиов период да извадил неколку прозорци или да урнал преградни ѕидови за да се смета дека почнал во предвидениот рок. Од тој момент се смета дека оформил градилиште и од тој момент тече законски рок од 10 години, вели градоначалникот. Впрочем, што мислите, дали некој кој платил 70 милиони денари  комуналии, и добил дозволи врз основ на важечки урбанистички план, нема да почне со градба, праша Георгиевски. Планот е донесен 2009 година и е важечки додека не се укине, а дозволата е издадена кога не постоел Планот за управување со Охридскиот регион.

Охридскиот градоначалник со став дека доколку сега било почнато со уривање, тие ќе го запреле. „Како што го поништив одобрението за хотелот во Лагадин ќе го поништев и ова“, вели Георгиевски. Ниту јас не сум за тоа таму да се изгради хотел. Со сите проблеми што ги имаме со УНЕСКО, уште една ваква градба, на 50 метра од езеро ќе ни ја запечати судбината, но од формално правен аспект јас немам што да направам, додава тој.. Прашан дали утре може да не изненади уште некое уривање на објект на самиот езерски брег и негово претворање во повеќекатница, Константин Георгиевски категоричен: Никакви шанси нема!

Георгиевски со став дека е тоа не може да се случи во иднина во Охрид да осамнат и други објекти одобрени врз основ на важечки урбанистички планови кои нема да се вклопуваат во Планот за управување и насоките на УНЕСКО. „По донесувањето на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион во 2019 година јас овде имам секојдневни кавги со инвеститори кај што инсистираме своите проекти да ги усогласуваат со Планот“, вели градоначалникот на Охрид. Со Планот е предвидено П плус 3 и секое одобрение е усогласено со него па така одбив да издадам одобрение за објект П плус 11 на улица „Туристичка“ кај мини маркетот, две години кавги водев за тој објект, не му дадов и нема да му дадам дозвола.

Охрид СОС до надлежните: Прогласете го „Парк“ за споменик на културата – заштитете го и езерото и градежното наследство на Охрид!

Охрид СОС до надлежните: Прогласете го „Парк“ за споменик на културата – заштитете го и езерото и градежното наследство на Охрид!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот