Град Скопје од парк ќе се сели на плоштад

Објектот што ќе се купува, освен што треба да биде во централното градско подрачје, односно на просторот во Мал Ринг, мора да задоволи и неколку други критериуми за да одговара на потребите на градската администрација.

Град Скопје ќе распише јавен оглас преку кој ќе прибира понуди за купување деловен објект во строгиот центар на Скопје, односно во Мал Ринг, каде што треба да се смести градската администрација.

Одлуката за набавка на недвижен имот се најде пред градските советници на седницата на Советот на Град Скопје, како предлог на градоначалникот Петре Шилегов, и во неа меѓу другото стои дека за новиот објект, каде што во иднина треба да функционира градската власт, се предвидени 11 милиони евра со вклучен ДДВ во денарска противвредност. Парите, како што е прецизирано, се обезбедени во градскиот буџет, од Програма ЕАА.

Објектот што ќе се купува, освен што треба да биде во централното градско подрачје, мора да задоволи и неколку други критериуми за да одговара на потребите на градската администрација. Како што е наведено во одлуката, потребно е да располага со простор од приближно 4.000 до 9.000 метри квадратни, со обезбеден пристап за луѓе и возила, со паркинг-простор со капацитет за 20 до 70 паркинг-места, да има соодветна инфраструктура, технички и санитарни услови, лифт, како и имотен лист или лист за предбележење.

– Недвижниот имот – објект со намена деловен објект во Централното градско подрачје – Мал Ринг за потребите на градската администрација и органите на Град Скопје, ќе се набави по пат на прибирање понуди со објава на јавен оглас за купување недвижен имот, на начин и во постапка утврдени според одредбите од Законот за користење и располагање со ствари во државна сопственост и ствари во општинска сопственост – пишува во Одлуката, при што се нагласува дека постапката ќе ја спроведе Комисија, формирана од градоначалникот.

Кој е објектот што ќе биде идното седиште на Градот, засега не се обелоденува во јавноста, иако во изминатиот период имаше многу шпекулации дека станува збор за зградата на ЕВН до Градскиот трговски центар. Законската процедура започнува и ќе оди со оглас и прибирање понуди, иако од неодамнешната изјава на градоначалникот Шилегов може да се насети дека веќе се знае кој е објектот што ќе се купи.

– Старата зграда ја продадовме, а новата бргу ќе им биде соопштена на граѓаните и ќе се вселиме – рече Шилегов неодамна на ТВ Телма.

Веројатно за новата зграда е и планираната набавка на канцелариска опрема и клима-уреди во вкупна вредност од околу 950 илјади денари, за што наскоро, исто така, треба да се распише тендер.

Пред една година Град Скопје ја продаде новоизградената Градска куќа под Кале за 12,7 милиони евра, затоа што, според тогашните изјави на скопскиот градоначалник, таа не одговарала на потребите на градската администрација – била претесна за во неа да се сместат вработените и не била на локација која е лесно достапна за граѓаните. Објектот го купи ЕВН Македонија, која беше единствениот наддавач на електронската продажба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот