Горазд Михајлов има нов предизвик, ќе води клуб од Литванија
Еден од најреномираните македонски фудбалски стручњаци, Горазд Михајлов, ја продолжува својата кариера во странство и од денес официјално е именуван за нов шеф на стручниот штаб на литванскиот прволигаш Ритериаи. Клубот во минатата сезона, во конкуренција на десет екипи, го освои деветтото место, но преку бараж обезбеди опстанок во елитата.
Препорачано
Првенството на Литванија се игра по специфичен систем, каде што десетте прволигаши се соочуваат меѓусебно во четири круга, а сезоната трае од март до ноември. Актуелен шампион за 2025 година е екипата на Жалгирис, што дополнително ја нагласува тежината на предизвикот што го очекува македонскиот тренер.
Михајлов зад себе има богато меѓународно искуство. Надвор од Македонија работеше во Исланд со тимот на Хотур, во Босна и Херцеговина како тренер на Рудар од Приедор, а беше и дел од стручниот штаб на Ѓоко Хаџиевски во Саудиска Арабија (Ал Кадисија) и во Обединетите Арапски Емирати, каде што работеше во Хата и Ал Дафра.
Значаен белег остави и на домашната сцена. Со Тетекс го освои Купот на Македонија и уште двапати играше во финалето на ова натпреварување. Успеа по подолга пауза да го врати Борец од Велес во Првата лига, а истото го направи и со Силекс, кој во тој период настапуваше во Втората лига. Во својата кариера го спаси и Вардар од испаѓање, обезбедувајќи опстанок преку бараж-дуелот со Детонит од Радовиш.


