Фото: Промо

Голем музички спектакл во Струмица: Глобалниот хитмејкер Џекс Џонс, Бејби Лазања и Бајага и Инструктори доаѓаат на гала забавата Гет Егситед

Струмица по четврти пат ќе стане центар на регионалната музичка сцена, кога оваа година на 7 септември ќе се одржи големата Гет Егситед (Get EXITed) забава која редовно собира илјадници посетители од цела Македонија и регионот. Публиката ја очекува незаборавна вечер во која на иста бина ќе се одвиваат настапите на светската диџејска суперѕвезда Џекс Џонс и регионалните ѕвезди меѓу кои се Бејби Лазања, еден од најбараните изведувачи на нашите простори, како и легендите на регионалната рок сцена, Бајага и Инструктори.

Сега веќе традиционално, фестивалската манифестација ќе се одржи во  Големиот струмички парк, а влезот ќе биде слободен за сите посетители.
Со милијарди стримови и хитови што ги освоија топ листите низ целиот свет, Џекс Џонс денес е еден од највлијателните диџеи и продуценти на глобалната музичка сцена. Познат по заразните мелодии и хитови како „You don’t know me“, „Instruction“, „All Day and Night“, „Breathe“, тој оствари бројни соработки со светски музички ѕвезди како што се Raye, Demi Lovato, Mabel, Charli XCX, Saweetie, MNEK и Calum Scott. Автор е на глобалниот хит „I Got U“, создаден во соработка со Duke Dumont, кој му донесе номинација за престижната Греми награда. Со неговиот настап во Големиот струмички парк ќе биде обележана уште една незаборавна летна забава под отворено небо проследена со неверојатна енергија.

Фото: Промо
Шампионот на регионалната музичка сцена, Марко Пуришиќ познат како Бејби Лазања, во последните две години ја освои европската музичка сцена со уникатен стил и енергични настапи. Големиот успех го постигна по учеството на Евровизија 2024 со песната „Рим Тим Таги Дим“, која на финалната вечер доби најмногу гласови од публиката. Оваa година, концертната сезона го води од Нова Рок во Австрија и фестивалот 2000 Тrees во Велика Британија, преку Forestland и настапот во Трогир на кулата Камерленго, па сѐ до Единбург на крајот на август, по што тој пристигнува во Струмица. Таму публиката ќе има прилика да се присети на популарната евровизиска кореографија и да ги чуе во живо неговите најголеми хитови. Публиката на EXIT фестивалот особено го памети спектакуларниот настап од минатата година, кога Бејби Лазања на нултиот ден, во емоционална атмосфера, на крајот од настапот од Главната сцена изјави дека тоа му е најдобриот концерт во кариерата и најголемата сцена на која некогаш настапил.
 
Фото: Промо
Еден од највлијателните и најпопуларните регионални музички состави, Бајага и Инструктори, оваа сезона има регионална турнеја, а по импресивниот концерт во Романија, следната станица е токму Струмица. Нивниот настап на Get EXITed ќе ги донесе вечните хитови што веќе со децении ги спојуваат генерациите, од раните класици па сè до песните што и денес ги полнат стадионите. Хитовите на Бајага и Инструктори, обликуваат дел од музичката слика во регионот, а често остануваат како личен спомен за милиони луѓе и со тоа го потврдуваат својот статус на самиот врв на регионалната музичка сцена.
Фото: Промо
 
По досегашните три изданија што на публиката ѝ понудија богата и разновидна музичка програм, Get EXITed и Општина Струмица и оваа година продолжуваат со истиот квалитет и динамика да создаваат програма која обединува различни музички светови. Во текот на изминатите години, Струмица ги пречека големите имиња од светската и регионалната сцена како Џон Њуман, Бурак Јетер, Дебора Де Лука, Сенида, Махмут Орхан, Констракта, Ван Гог, 2Бона и многу други, привлекувајќи илјадници посетители.
 
Следејќи ја традицијата, оваа година, Get EXITed забавата во Големиот градски парк на 7 септември носи нови изненадувања и извонредни настапи. Од првите тактови па сè до раните утрински часови, публиката ќе има прилика да ужива во моќни поп-мелодии збогатени со гитараски рифови и енергичен рок, а надополнети со актуелниот светски електронски звук. Останатиот дел од целосната програма ќе биде познат наскоро.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот