Ѓорѓиевски очекува идеи од скопјани за подготовка на буџетот за 2026 година
Скопјани можат сите свои идеи и предлози за проекти кои ќе придонесат за развој на Скопје и за пофункционален град, а за кои треба да се обезбедат и пари во буџетот за наредната година, да ги испраќаат во Град Скопје.
Препорачано
Од Градот информираат дека годинава започнува процесот на креирање на буџетот со максимална транспарентност, отчетност и вклученост на јавноста и дека буџетот за 2026 година ќе биде изработен преку отворен и партнерски пристап, во кој секој жител, организација или заедница ќе може да даде конструктивен придонес.

-Годинава го отвораме процесот на планирање на буџетот за 2026 година заедно со вас, жителите на Скопје, невладиниот сектор, бизнис заедницата и сите кои сакаат да придонесат за подобро, поуредено и пофункционално Скопје. Вашите потреби, ставови и идеи ќе бидат основата врз која ќе го градиме овој важен документ. Работејќи во постојана комуникација со граѓаните, веќе собравме голем број конструктивни предлози. Но процесот е отворен и затоа ве повикувам сите партнерски да се вклучите во создавањето на буџетот кој ќе го забрза повторното заживување на нашиот град – вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Според него, во новиот буџет ќе бидат опфатени и приоритетните капитални проекти најавени во делот на инфраструктурните зафати, културата, спортските содржини, животната средина – подобрувања кои ќе го олеснат секојдневието на скопјани и ќе донесат поголем квалитет на живот.
Своите идеи и предлози скопјани можат да ги испраќаат на имејлот [email protected].


