Германскиот парламент усвои предлог закон со кој трансродовите лица полесно ќе го менуваат името во личните документи

Германски парламент

Германските пратеници денеска изгласаа закон со кој на трансродовите, интерсексуалните и небинарните лица ќе им биде полесно да го сменат името и полот на нивните официјални документи.

„Законот за самоопределување“ е една од неколкуте социјални реформи што ги вети либералната коалициска влада на канцеларот Олаф Шолц и ќе стапи во сила на 1 ноември. Во Долниот дом на Парламентот „за“ нацрт-законот гласаа 374 пратеници, „против“ беа 251 и 11 „воздржани“.

Усвоената законска регулатива ќе им овозможи на возрасните да го менуваат своето име и пол на документите во писарницата без дополнителни формалности. Тие ќе треба да ја известат канцеларијата три месеци пред промената.

Законот, кој моментално е во сила, бара лицата кои сакаат да го променат регистрираниот пол, прво да добијат оценки од двајца експерти „доволно запознаени со конкретните прашања на транссексуалноста“, а потоа судска одлука. Тој закон беше донесен пред околу 40 години, а германскиот Врховен суд оттогаш укина некои од неговите одредби со кои се бараше луѓето да се разведат, стерилизираат и да се подложат на операција за промена на полот.

Новото законодавство се фокусира на правниот идентитет на физичките лица. Не вклучува никакви промени во германските прописи за операциите за промена на полот.

Новите правила ќе им овозможат на малолетниците на возраст од 14 и повеќе години да го променат своето име и законскиот пол со одобрение на нивните родители или старатели. Доколку не се согласат, тинејџерите ќе можат да побараат од семеен суд да ја дозволи промената.

Во случај на деца помлади од 14 години, нивните родители или старатели ќе треба да поднесат барања до надлежните служби во нивно име.

Откако ќе стапи во сила официјалната промена на името и полот, нема да бидат дозволени други промени една година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот