Германците се шампиони во нарцизам: Објавен список на земјите каде живеат најголемите нарциси во светот
Нова студија спроведена од научници од Државниот универзитет Мичиген покажува дека Германија бележи највисоко ниво на нарцизам во светот. Во истражувањето биле анализирани одговорите на околу 45.000 испитаници од 53 земји, кои ги оценувале своите лични карактеристики, однесувања и склоности, пишува „ Би-би-си Саенс фокус“(BBC Science Focus).
Препорачано
Покрај Германија, меѓу петте земји со најизразени нарцисички особини се наоѓаат Ирак, Кина, Непал и Јужна Кореја. На спротивниот крај на листата, со најниски вкупни нивоа на нарцизам, се Србија, Ирска, Велика Британија, Холандија и Данска. САД го заземаа 16. место, што ги става во горната третина од листата, но не и меѓу најекстремните примери.
„Повеќето што знаеме за нарцизмот произлегува од истражувања спроведени во западните земји, најчесто во САД“, изјави Вилијам Чопик, ванреден професор по психологија на личноста на Универзитетот Мичиген и еден од авторите на студијата, за Би-би-си Саенс фокус.
„САД често се сметаат за симбол на нарцизам, па многумина би очекувале дека се убедливо први. Но, во реалноста, САД не се екстремен случај.“
Претходните истражувања проценуваат дека околу еден од дваесет лица во САД ги исполнува критериумите за нарцисички пореметувања на личноста.
Влијание на возраст, пол и социјален статус
Анализата покажа дека помладите лица во сите земји имаат тенденција кон повисоки нивоа на нарцизам. Според истражувачите, тоа може да има и развојна функција:
„Раната возраст е период во кој луѓето го градат својот идентитет, стекнуваат независност и се борат за социјален статус. Во тој контекст, особини како самодоверба и ориентација кон себе можат да бидат корисни“, објаснува Чопик.
Разлики се забележани и по пол: мажите во просек постигнувале повисоки резултати на тестовите за нарцизам од жените, што истражувачите делумно го поврзуваат со длабоко вкоренети општествени претстави за машка доминација.
Исто така, повисоки нивоа на нарцизам биле почести кај испитаниците кои се доживуваат како лица со повисок социјален статус, што може да биде двојно објаснување: нарцисичните лица почесто се стремат кон позиции на моќ, а луѓето на повисоки позиции можат да развијат чувство дека заслужуваат повеќе привилегии и почит.
Две лица на нарцизмот
Истражувачите нарцизмот го поделиле на две основни димензии: самопромоција и ривалство.
Нарцисичка самопромоција се однесува на особини кои ја зајакнуваат сопствената слика за себе, како претерана самодоверба, потреба за пофалби и истакнување лични успеси. Овие особини биле најизразени во Нигерија, Ирак, Кина, Непал и Турција, а најмалку присутни во Норвешка, Данска, Ирска, Русија и Велика Британија.
Нарцисичко ривалство се фокусира на конфликти со другите, потреба за натпреварување, одбрана на сопствениот его и омаловажување на околината. Највисоки резултати во оваа категорија имале испитаниците од Германија, Јужна Кореја, Непал, Ирак и Романија. Најниски вредности се забележани во Србија, Мексико, Колумбија, Австрија и Јужна Африка.
Колективизам, индивидуализам и изненадувачки резултати
Истражувачите очекувале нарцизмот да биде помалку изразен во општества кои нагласуваат колективни вредности и заедницата. Сепак, резултатите покажаа спротивното: испитаниците од колективистички култури во просек пријавувале повисоки нивоа на нарцисичка похвала од оние од индивидуалистички општества.
„Овие наоди ја доведуваат во прашање поедноставената идеја дека нарцизмот е производ само на индивидуалистички култури или дека колективистичките општества се нужно хармонични и несебични“, рече Чопик.
„Нарцисите постојат секаде, а чувствителноста на хиерархијата во колективистичките општества може дополнително да ги зајакне овие особини.“
Најколективистички земји во истражувањето биле Сенегал, Бангладеш, Мароко, Непал и Ирак, додека најиндивидуалистички биле Шведска, Данска, Германија, Норвешка и Финска.
Истражувањето покажало и дека повисоки нивоа на нарцизам се почести во побогатите земји, што може да биде поврзано со поголем акцент на лични достигнувања и самопромоција.
На крајот, Чопик потенцира дека целта на истражувањето е нарцизмот да се согледа пообјективно и посложено:
„Нарцизмот не е поврзан со една држава, една генерација или еден тип личност. Тој е присутен секаде, често на предвидливи начини, а понекогаш и по причини што можеме да ги разбереме.“


