Актуелниот состав на ДКСК / Фото: МИА

Генералниот секретар на Антикорупциска доаѓа на местото на обвинетата претседателка

Генералниот секретар Адем Чучуљ ќе ја замени Татјана Димитровска, поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата. Ова откако Димитровска, како прв човек на Комисијата што треба да детектира корупција, самата „заглави“ во корупциски скандал, откако беше фатена како одава службени тајни на обвинет во случајот „Адитив“, поврзани со истраги што се воделе против него за злоупотреби во РЕК Битола.

Од десетте кандидати за претседател на Антикорупциска, Чучуљ добил најмногу бодови – 96,5 од можни 100 бода. Комисијата за прашања на изборите и именувањата едногласно го предложи Чучуљ за нов претседател до Собранието.

Чучуљ е дипломиран правник со положен правосуден испит и таму работи веќе 19 години.

„Врз основа на дадените одговори, Комисијата за селекција оцени дека кандидатот има големо искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси и има јасна визија за работата на ДКСК и план за нејзината работа. Даде одлични одговори за поставените општи и посебни прашања“, пишува во образложението за неговата оценка.

Во интервјуто пред Комисијата за селекција, Чучуљ како „експерт за политичка корупција и човек кој го води секретаријатот и административната машина на Комисијата“, изјавил дека Антикорупциска ја чувствува како „свој дом“ и дека одржува контакти со речиси сите членови на петте досегашни мандати на Комисијата. Во дел од тој континуитет бил генерален секретар и на обвинетата претседателка, Димитровска.

На интервјуто, Чучуљ не бил директно прашан за неговата соработка со Димитровска, само оценил дека Комисијата „работела, но не го претставувала доволно сработеното“.

– Државата ќе речам, не Комисијата, со закон е обврзана да има регистар на избрани именувани лица, тоа е еден вид превентивна алатка да знаеме колку функционери имаме во моментот на функција и превентивна алатка да спречи кумулација на функции. Ние ден-денеска немаме точна бројка на избрани именувани лица од причина што регистарот активно не се полни – изјави Чучуљ во интервјуто пред Комисијата.

Адем Чучуљ едногласно предложен за нов претседател на ДКСК

Огласот за пријавување кандидати за претседател на Антикорупциската комисија беше објавен летово, но постапката беше времено прекината поради локалните избори. Од 13 кандидати, колку што се пријавија на огласот, на Собранието на избор за нов претседател на ДКСК селектирани беа 10, а интервјуата со нив почнаа во вторникот.

Комисијата имаше претседателка, обвинета за две кривични дела – одавала службени тајни и вршела злоупотреби при полагање на тестот за сертификат за државна тајна (нејзин колега го полагал тестот наместо неа). Таа даде оставка под притисок на јавноста, но беше вратена на своето старо работно место – во Државниот завод за ревизија. Другите членови на ДКСК, по овој скандал, беа децидни дека не даваат оставка.

– Преостанатите членови не можат да бидат одговорни за дејства за кои е поведена истражна постапка против претседателката како поединец и оттаму не се чувствуваат повикани да поднесат оставки – рекоа од ДКСК.

Според најавите од законодавниот дом, гласањето за оваа точка ќе се одржи на пленарна седница во првата половина на декември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот