Газдата сепак може да даде отказ и да побара пари од Владата: ЕВЕ ВО КОИ СЛУЧАИ

Работници, Фото: СП. архива

Сите работодавачи што ги исполнуваат условите за финансиска помош од државата, може да аплицираат за 14.500 денари по работник, заклучно со четврток. По многу измени на уредбата за финансиска поддршка, во петокот, првомајски се доби последната уредба, според која точно се знае во кои случаи е можен отказ за работниците за да добијат фирмите финансиска поддршка.

Намалувањето на бројот на работници од 5 до 15 проценти, во зависност од големината на фирмата е можно само во следниве случаи: пензионирање; смрт на работник; откажување на договорот за вработување од работникот; откажување на договорот за вработување без отказен рок од работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски; спогодбено преземање работник; престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.

За синдикатите и за невладиниот сектор, овие измени се голема победа за работниците. Сепак, на социјалните мрежи можеа да се видат и коментари дека ова не е никаква победа затоа што во условите за отказ се наведени сите можни откази. Но, ако се погледаат одредбите од Законот за работни односи, може да се видат многу повеќе законски можности за отказ и дека фирмите сега не може да се повикаат на деловни причини за отказ и потоа да бараат финансиска помош. Намалувањето на бројот на работници за да се користи помошта само во еден случај е поврзан со отказ, а тоа е според одредбата: „Откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски“.

  • „Работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување без отказен рок во случаите на кршење на работниот ред и дисциплина или неисполнување на работните обврски утврдени со овој или друг закон, колективен договор, правилата за работниот ред и дисциплина и договорот за вработување, а особено ако работникот: 1) неоправдано изостане од работа три последователни работни дена или пет работни дена во текот на една година; 2) го злоупотреби боледувањето; 3) не се придржува кон прописите за здравствена заштита, заштита при работа, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и ги повредува прописите за заштита на животната средина; 4) внесува, употребува или е под дејство на алкохол и наркотични средства; 5) стори кражба или во врска со работата намерно или од крајно невнимание предизвика штета на работодавачот и 6) оддаде деловна, службена или државна тајна“, пишува во Законот.

Работодавачот нема да добие финансиска помош ако се повика на одредбата според која „престанува  потребата од вршење на одредена работа под условите наведени во договорот за вработување заради економски, организациони, технолошки, структурни или слични причини на страна на работодавачот (деловни причини)“, или ако му даде отказ на работникот со отказен рок за случаи што се предвидени во законот, а ги има 11.

Уредбата за финансиска помош од 14.500 денари по работник предвидува и дека  вкупниот број вработени на кои исклучиво по наведените основи би им бил прекинат или завршен работниот однос, заклучно со јули 2020 година не смее да биде повеќе од: 15 отсто кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кои користел финансиска поддршка; 10 отсто кај работодавач кој имал од 51 до 250 и 5 отсто за оние со повеќе од 250 вработени.

Со последните измени се овозможи и ретроактивно вработување на лицата на кои работниот однос им престанал во периодот од 11 март до 30 април и нивно пријавување во системот на задолжително социјално осигурување, со што работодавачите ќе можат да ја користат оваа мерка, а ќе се спасат дел од отпуштените работници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот