Газдарицата на барот во Швајцарија бегала со касата кога избувнал пожарот?
Менаџерката на швајцарскиот бар во зимското одморалиште, каде што во пожар за новогодишната ноќ загинаа 40 луѓе, наводно побегнала носејќи го дневниот промет, додека гостите очајно се обидувале да се спасат. Во меѓувреме, двајцата сопственици се обвинети дека по трагедијата уништувале докази, објави италијанскиот весник „Република“.
Препорачано
Џесика Морети е обвинета дека ги напуштила преплашените посетители додека пламените јазици го зафаќале ноќниот клуб „Ле Констеласион“, а повеќе сведоци ја виделе 40-годишната менаџерка како ја носи касата.
Морети и нејзиниот 49-годишен сопруг Жак Морети – двајцата француски државјани и сопственици на елитниот клуб во Кран-Монтана од 2015 година – се под истрага за убиство од небрежност и за нанесување тешки телесни повреди на уште 119 луѓе, кои претрпеле тешки изгореници за време на прославата на швајцарските Алпи.
По пожарот, Џесика Морети изјавила дека претрпела „лесни изгореници на едната рака“ додека бегала од клубот.
Брачната двојка се соочува со обвиненија за уништување докази
Додека истражителите ги прегледуваат снимките од телефоните, безбедносните камери во клубот и од уличните камери за да ја реконструираат трагедијата, брачната двојка сега се соочува и со обвиненија за уништување докази. Според обвинението, тие ги блокирале профилите на клубот на социјалните мрежи по пожарот.
Роман Жордан, адвокат кој застапува дел од 116-те повредени луѓе, меѓу кои и многу тинејџери со катастрофални изгореници, изјави дека „„Ле Констеласион“ ги суспендирал своите профили на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“ додека спасувачките операции сè уште траеле, пренесува британски „Тајмс“.
Според него, пожарот избувнал околу 1:30 часот по полноќ на Нова година, а профилите на клубот биле блокирани помеѓу 3 и 6:30 часот наутро. Во исто време, била исклучена и веб-страницата на клубот, додека службите се бореле со огнот и ги извлекувале жртвите.
Жордан тврди дека суспендираните профили содржеле видеа од преполната новогодишна забава и од претходните прослави, додавајќи дека нивното отстранување укажува оти „безбедносните грижи веднаш им дошле на ум на менаџерите“.
Пожарот избувнал откако искри, прикачени на шишиња шампањско, го запалиле таванот за време на прославата, по што огнот бргу се проширил низ објектот.
– Моите клиенти бараат одговори. Тие сакаат јасно да се утврди синџирот на одговорност што доведе до оваа трагедија. Менаџерите се под истрага, но под истрага мора да биде и општината. Ниедно прашање не смее да остане игнорирано – изјави Жордан.
Прва изјава на сопственикот на „барот на смртта“ во Швајцарија
По трагедијата, Жак Морети изјави дека „сè било направено според прописите“ и тврдеше дека клубот бил проверен од инспектори трипати во изминатите десет години. Тој во моментот на пожарот не се наоѓал во клубот.
Сепак, адвокатот Жордан побарал обвинителството да ја прошири истрагата и кон општината Кран-Монтана, откако официјални лица признале дека барот немал безбедносна инспекција од 2019 година.
Во соопштение објавено во вторникот, двојката Морети изјавила дека е „скршена од болка“ и дека мисли на жртвите, додавајќи дека ќе соработува со истражните органи и дека „на никаков начин“ нема да се обиде да избегне одговорност.


