Прва изјава на сопственикот на „барот на смртта“ во Швајцарија
Еден ден по трагичниот пожар во барот „Ле Констелејшн“ во Кран-Монтана, во кој животот го загубија најмалку 40 лица, сопственикот на објектот за прв пат јавно се огласи. Во изјава за швајцарскиот весник „20 Минутен“, тој изрази длабока потресеност од несреќата и нагласи дека целосно соработува со надлежните институции.
Препорачано
„Не можеме ниту да спиеме ниту да јадеме. Сите сме многу погодени од ова што се случи“, изјави сопственикот, додавајќи дека тој и неговата сопруга стојат на располагање на истражните органи. Двајцата досега биле испрашувани исклучиво во својство на сведоци.
Сопственикот нагласи дека барот бил предмет на редовни инспекции.
„Објектот беше проверен три пати во последните десет години и сè беше направено согласно прописите“, изјави тој, одбивајќи подолго интервју поради, како што наведе, лошата психолошка состојба по трагедијата.
Неговата сопруга била присутна во моментот на несреќата и се здобила со изгореница на раката. Таа добила лекарска помош и веќе е пуштена од болница.
ВИДЕО | Како барот во Кран-Монтана стана смртоносна стапица
Јавното обвинителство на кантонот Вале отвори кривична истрага со цел утврдување на причините за пожарот, без засега да има осомничени лица. Државната обвинителка Беатрис Пилу истакна дека важи претпоставката на невиност и дека истрагата не е насочена кон конкретни поединци.
Според досегашните наоди, постои сомнеж дека пожарот бил предизвикан од свеќи поставени премногу блиску до таванот, врз шишиња шампањ. Оваа верзија, како што соопшти обвинителката, се темели на видео-снимки и сведочења на очевидци, но сè уште не е официјално потврдена.
Доколку во текот на истрагата се утврди одговорност, можно е поднесување обвиненија за убиство од небрежност, тешка телесна повреда од небрежност и палење од небрежност.
Сопствениците на објектот беа испрашувани за распоредот на барот, капацитетот, како и за извршените реновирања. Во следната фаза ќе се анализираат дозволите за работа, противпожарната опрема, бројот на присутни лица и патеките за евакуација. Во истрагата се вклучени околу 30 лица, а Циришкиот форензички институт работи на идентификација на жртвите и информирање на нивните семејства.
Пожарот што избувна за време на новогодишната ноќ во Кран-Монтана се вбројува меѓу најтешките трагедии во Швајцарија во последните години.


