Гарабаја го најде проблемот за поразот од Загреб
Пелистер ја затвори годината во Лигата на шампионите со нов пораз, овојпат на гостувањето кај Загреб (23-27), со што битолчани ја пропуштија веројатно последната прилика да останат во трката за пласман во нокаут-фазата.
Препорачано
Ова е осми пораз за македонскиот шампион во сезоната, покрај двете победи, па бодовите од дуелот со хрватскиот тим ќе имаа огромно значење во мисијата конечно да се мине групната фаза. По натпреварот, тренерот Рубен Гарабаја накратко го опиша она што го виде на теренот.
„Одигравме тежок натпревар. Добро влеговме во дуелот и можам да кажам дека во дефанзива изгледавме солидно. Но, за да победите во натпревар од Лигата на шампионите, мора да функционирате на двете страни од теренот. Против Загреб нашиот напад беше голем проблем. Тоа е сегмент на кој мора да работиме, да најдеме начини да бидеме поконцентрирани, потрпеливи и да го чуваме поседот“, истакна Гарабаја.
Пелистер моментално се наоѓа на седмото место со четири бода, два повеќе од последнопласираниот Загреб и исто толку помалку од ГОГ, кој има и натпревар помалку, како и од ПСЖ, кој беше поразен вчера од Барселона.


