ГАЛЕРИЈА | Гаши: Песната на ДНК „Ако утре ме нема“ денес добива поинакво значење – за некои од оние што пееја, утрешниот ден навистина не дојде
„Само правдата и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството“, порача Гаши повикувајќи точно да се лоцира одговорноста за изгубените животи поради направените пропусти.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши ја започна комеморативната седница за најголемата трагедија во Македонија, во која животот го загубија 63 претежно млади луѓе. Седницата конечно се одржа по една година политички натегања и надмудрувања, за да се избегне одговорноста. Тој се обрати пред пратениците, премиерот, претседателката на државата, како и родителите, браќата, сестрите, роднините и семејствата на загинатите во пожарот.
Препорачано

Стојам пред вас со длабоко чувство на тага и тежок товар на одговорноста, рече Гаши на почетокот од својот говор.
„Некои ноќи завршуваат рутински, некои ноќи завршуваат оставајќи спомени, но има и такви што никогаш не завршуваат. Постојат утра што будат надеж, но има и мрачни утра што ја гасат надежта и предизвикуваат само болка. Такво утро беше 16 март 2025 година. Ноќ која започна со забава, а заврши со плач, рани и болка што длабоко продреа во срцето на целата држава. Таа ноќ Кочани и Македонија изгубија дел од својата иднина. Таа ноќ заедно со животите на 63 млади луѓе, со себе ги однесе и соништата и плановите што штотуку почнаа да се градат. Дури и по една година тешко е да се изберат, а уште потешко е да се изговорат зборови. Тие секогаш изгледаат недоволни за да го изразат она што човек го чувствува. Јавниот збор е должност, но тој никогаш досега не бил толку тежок“, рече Гаши.

Во говорот тој стави акцент на болката на семејствата и на загубата на сите од изгубените соништа на толку млади луѓе. Според него, солзите на родителите во Кочани зборуваат повеќе од зборовите на кој било политичар. Нагласи дека оваа комеморативна седница не е само институционален формализам, туку заедничко поклонување пред тие што ја носат тежината од овој настан.

„Може да се направат грешки во политиката, но важно е таа да не се претвори во грев“, додаде Гаши пред да ги објасни мотивите зошто досега не се одржа ваков настан.
Тој потоа ги истакна хуманизмот и солидарноста што ја демонстрираа граѓаните по настанот, како и меѓународната заедница.
„Во најтемните денови за земјата ја видовме и најсветлата страна на општеството“, заклучи Гаши, споменувајќи дека „видовме лекари и медицински сестри што работеа деноноќно за да спасат некој живот, видовме пожарникари што не се штедеа себеси за да извлечат некого и дека притоа оваа солидарност немаше ниту политички, ниту етнички, ниту верски бои“.

„Трагедии како оваа покажуваат дека одговорноста на институциите е поголема отколку што замислуваме, а правдата е поважна отколку што очекуваме. Правдата не треба да биде ниту пребрза ниту задоцнета. Само правдата и вистината можат да донесат мал спокој за семејствата и за општеството“, порача Гаши повикувајќи точно да се лоцира одговорноста за изгубените животи поради направените пропусти.

Тој зборуваше за загубата на општеството и посочи дека меѓу оние што ги изгубивме „имаше уметници што со години ја осветлуваа сцената, имаше фудбалери и многу други чии потенцијали никогаш нема да ги дознаеме“.
„Песната на ДНК „Ако утре ме нема“ денес добива поинакво значење. За некои од оние што пееја – утрешниот ден навистина не дојде. За другите дојде – но без оние што ја пееја. Споменот на жртвите од Кочани треба секогаш да живее во нас, кога родител ќе го прегрне своето дете, кога институција ќе постапува одговорно, кога професионалец ќе си ја врши својата работа.. Тоа е најсоодветниот начин да им одадеме почит“, порача Гаши.
Претседателот на Собранието им се обрати и на роднините, уверувајќи ги дека силно се споделува нивната болка.

„Вашата болка е болка на целото општество. Оваа трагедија е последниот аларм за сите политички и општествени чинители да се вратиме кон самите себе и кон нашата човечност, за да се изгдигнеме како Феникс и повторно да ја изградиме оваа држава, овојпат врз основа на чесност, праведност и искреност. Ова да биде последната трагедија. Бог да ги помилува душите на оние што таа ноќ заминаа во вечност. Вечна им слава“, рече Гаши, по што комеморативната седница беше завршена.
Ова е првиот од предвидените настани со кои ќе се одбележи годишнината од пожарот во дискотеката „Пулс“. В сабота, на 14 март, во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ ќе се одржат верски обреди во спомен на загинатите.


