Франција ќе вклучи уште четири нуклеарни реактори
Франција е на пат да врати во функција 45 нуклеарни реактори до јануари, што е повеќе од сегашните 41, што треба да и помогне на земјата да избегне прекини оваа зима, изјави денеска министерот за финансии Бруно Ле Мер.
Препорачано
„Ние сме на вистинскиот пат за да го избегнеме затемнувањето“, изјави Ле Мер за телевизијата Си Њус, пренесува Ројтерс. Францускиот оператор на електричната мрежа РТЕ во понеделник наутро го намали извозот на струја во Британија во интервал од околу половина час, а увезе дополнителни количества од Белгија и Италија, јави Танјуг, бидејќи се соочи со отежнато снабдување со електрична енергија во екот на замрзнување.
Во меѓувреме, од август до декември, Франција ја намалила вкупната потрошувачка на гас за 10,5 отсто, според податоците приспособени за климатските ефекти и споредено со нивото пред пандемијата во 2019 година, објави денеска мрежниот оператор ГРТ Газ.
„Падот на потрошувачката на гас во индустриските претпријатија приклучени на преносната мрежа достигна 22,1 отсто“, се наведува во соопштението на ГРТ Газ, а пренесува Ројтерс. Францускиот мрежен оператор додаде дека намалената потрошувачка на домаќинствата придонела и за вкупната заштеда на гас, пренесува Танјуг.


