ФОТО+ВИДЕО: Шестмина повредени на традиционалната трка со бикови во Шпанија
Тројца се избодени, а уште тројца се здобиле со полесни повреди на традиционалната трка со бикови на фестивалот Сан Фермин во Памплона, соопшти денеска портпаролот на шпанскиот Црвен крст.
Препорачано
Од шпанскиот Црвен крст за шпанската национална телевизија велат дека еден маж бил избоден на улицата, додека други двајца биле избодени од страна на биковите внатре во арената, откако животните успеале да избегаат, пренесува АП.

Како што пренесуваат шпанските телевизии, биковите откако им избегале на вработените, ги нападнале луѓето и почнале да ги фрлаат на сите страни. Со нивните рогови тие успеале да избодат неколку од учесниците на настанот.
Спектаклот траел нешто повеќе од три минути додека стотици учесници, главно мажи, избезумено бегале од опасните бикови кои се движеле по калдрмата на овој северен град.

Тројцата потешко повредени биле веднаш пренесени во болница. Трката завршила на коридата во Памплона, каде подоцна во текот на денот биковите ги убиваат професионални тореади. Десетици илјади странски посетители доаѓаат на фестивалот во Памплона.


