ФОТО+ВИДЕО | Позната ТВ-водителка ги моли киднаперите да ја ослободат нејзината мајка: Трамп вети помош
Познатата американска ТВ-водителка Савана Гатри упати јавен апел за враќање на нејзината киднапирана мајка, порачувајќи им на киднаперите дека семејството е спремно да разговара, но само откако ќе обезбедат доказ дека таа е жива. Во меѓувреме, и американскиот претседател Доналд Трамп ѝ ветил помош од федералните и локалните сили, пишува „Скај њуз“.
Препорачано
Во емотивна видеопорака објавена на социјалните мрежи, водителката на Ен-би-си, опкружена со братот и сестрата, им се обратила директно на киднаперите.
– Подготвени сме да разговараме. Меѓутоа, живееме во свет во кој гласовите и фотографиите лесно можат да се манипулираат. Мора да бидеме апсолутно сигурни дека таа е жива и дека е со вас. Сакаме да ни се јавите и ние сме подготвени да ве сослушаме. Ве молиме, контактирајте нè – рекла Гатри.
Низ солзи, таа ја опишала состојбата на нејзината мајка.
– Нашата мајка е срцето на нашето семејство и нашиот дом. Има 84 години. Таа е со кревко здравје и срцето ѝ е слабо. Живее со постојана болка. Ги нема својите лекови, а потребни ѝ е за да преживее и да не страда.
На крајот, упатила порака и до својата мајка: „Мамо, ако го слушаш ова, ти си силна жена. Ти си драгоцено Божјо дете.“
View this post on Instagram
Детали за исчезнувањето и истрагата
Ненси Гатри (84), последен пат била видена во саботата навечер во нејзиниот дом во близина на Тусон, Аризона. Нејзиното исчезнување било пријавено следниот ден, откако не се појавила во црква. Истражителите пронашле знаци на кражба во куќата и веруваат дека била киднапирана.
Повеќе медиумски куќи објавија дека на почетокот на неделата добиле пораки во кои наводно се бара откуп, кои веднаш ги предале на полицијата. Властите сè уште не потврдиле дали се автентични.
Според зборовите на шерифот на округот Пима, Крис Нанос, засега нема осомничени. Нанос претходно нагласил дека исчезнувањето на Ненси Гатри, која има тешкотии со движењето и има потреба од секојдневни лекови, „не е поврзано со деменција“.
– Таа е бистра како жилет. Семејството сака сите да знаат дека таа не е некој што едноставно залутал – рекол тој.
Трамп ветил помош
Набрзо по објавувањето на видеото се огласил и Доналд Трамп на социјалната мрежа Тру сошал (Truth Social).
– Разговарав со Савана Гатри и ја информирав дека им наредувам на сите федерални и локални сили за спроведување на законот веднаш да се стават на располагање на семејството. Ги користиме сите ресурси за безбедно да ја вратиме нејзината мајка дома. Нашата нација се моли за неа и за нејзиното семејство. БОГ ДА ЈА БЛАГОСЛОВИ И ЧУВА НЕНСИ! – напишал Трамп.

Савана Гатри е една од водителките на популарната утринска емисија „Тудеј“ на американската телевизија „Ен-би-си“. Таа често ја угостувала својата мајка во емисијата. На прославата на нејзиниот 80-ти роденден во 2022 година, таа ја опишала како жена која „се соочувала со незамисливи предизвици со храброст, без самосожалување, со одлучност и секогаш, секогаш со непоколеблива вера“.
– Таа многу го сака своето семејство, а нејзината несебичност, жртва за нас, нејзината упорност и непоколеблива доверба се причината зошто секој од нас постигнал нешто во животот – рекла Ненси Гатри тогаш.
Исчезна мајката на позната американска водителка, полицијата се сомнева дека е киднапирана


