ВИДЕО+ФОТО | Млади изведувачи, искрени емоции: Втората вечер на „Макфест“ одбележана во знакот новите гласови што ветуваат
Во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип се одржа втората, популарна вечер на најпознатиот фестивал на забавна музика во Македонија кој годинава слави 40 годишен јубилеј, „Макфест“, кој низ своето повеќедецениско постоење продуцираше над илјада композиции, а многу од нив станаа вистински евергрини кои и денес се пеат со истата емоција.
Препорачано
Оваа година, на втората вечер настапија 14 изведувачи, кои преку различни жанрови и стилови донесоа свежина, енергија и разновидност на сцената, овозможувајќи ѝ на публиката да ужива и да го избере својот фаворит.
Покрај четворицата најуспешни дебитанти од првата вечер – Катерина Јовановиќ, Дорис Ди, Дино Петриќ, Елена Наумова, Агни Авшар и Стефан Ефремов, оваа вечер ја отвори харизматичната Марија Атанасова со песната „Вљубена во лага“.
Потоа на сцената се појави Јанг Дади со композицијата „Писмо“, со што го оствари својот прв настап на „Макфест“ и ја потврди својата популарност меѓу младата публика, а само за „Слободен печат“ откри дека иако досега имал доста понуди да настапува на Макфест, оваа година одлучил да се претстави пред публиката зашто ја имал вистинската песна за оваа сцена.
По него следен на сцената со песната „Без да кажеш збор“ настапи Мартинијан Кириловски, а вечерта понатаму со своитете песни ја збогатија Ана Петановска „Со тебе до ѕвездите“, Јуле Николовска – „Мој си грев“, Лара Иванова – „Доминантен“, Коки Јанков – „Виолина и …“, Павле Камиловски -„Милион лета“, Димитар Андоновски – „Души две“, Зоран Ванев – „Душо моја“ и Тамара Волчевска со песната „Ведро е“.
Волчевска изјави за „Слободен печат“ дека оваа година се чувствува посигурно и поискусно, а настапот ѝ претставувал вистинско уживање, за разлика од ланската година кога за првпат зачекори на макфестовската сцена.
Публиката со бурни овации ги поздрави и последните тројца изведувачи на вечерта – Зоран Илиев со песната „Најмила“, Дејан Тасев „Мене ти ми требаш“ и Симона Поповска „Не ми доаѓаш“.
Големо финале – омаж на макфестовските евергрини
Последната, ревијална вечер на годинашниот фестивал ќе биде посветена на најголемите макфестовски хитови, безвременски композиции што останале дел од колективната меморија и сè уште „горат“ во срцата на публиката.
Вечерта ќе ја отвори Трајче Манев со легендарната „Осамен“, по кого ќе настапи Росана со „Признавам“. Во салата на Домот на културата ќе одекнат и незаборавните евергрини „Ангели ме носат“, „Моја гитара“, „Свирете ја ’Зајди зајди‘“, „Сонце за три светови“, „Твоите очи сине“ и многу други песни што го одбележаа духот на македонската забавна музика.
Публиката и во салата и пред малите екрани ќе може да ужива во повеќе од два часа музика, емоции и носталгија, потсетувајќи се на сите убави моменти што „Макфест“ ги подарува веќе цели 40 години.
На крајот од вечерта, за најслушана песна меѓу двата фестивали беше прогласена композицијата „Жена“ во изведба на Антонија Гиговска, која доби силни овации од публиката. Пред настапот, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, ѝ врачи ваучер во износ од 120.000 денари на сцената на „Макфест“, како признание за нејзиниот успех и одлична интерпретација.



















