ФОТО+ВИДЕО | „Мател“ ја претстави првата Барби со аутизам: Симбол за различност и прифаќање
Компанијата „Мател“ ја претстави првата кукла Барби со аутизам, само шест месеци по лансирањето на првата Барби со дијабетес тип 1. Новиот модел е дел од линијата „Барби фешионистас“, чија цел е повеќе деца да можат да се препознаат во Барби и да бидат охрабрени да си играат со кукли што го одразуваат светот околу нив, пишува „Гардијан“.
Препорачано
Аутизмот е форма на неуродиверзитет, која влијае врз начинот на кој луѓето ја доживуваат околината и реагираат во социјални ситуации. Иако карактеристиките значително варираат од поединец до поединец, податоците на Светската здравствена организација покажуваат дека аутизмот се јавува кај повеќе од еден процент од светското население.
Куклата е дизајнирана во соработка со американската хуманитарна организација „Мрежа за самозастапување на аутистични лица“. Идејата е преку дизајнот да се прикажат дел од искуствата на децата со аутизам. Погледот на Барби е благо насочен настрана, што го одразува избегнувањето директен контакт со очи кај дел од лицата од аутистичниот спектар.

Барби има целосно флексибилни лактови и зглобови, што овозможува движења како мавтање со рацете – однесување кое кај некои лица со аутизам помага при обработка на сензорни информации или при изразување возбуда. Таа носи и антистрес прстен, слушалки за заштита од бучава со цел намалување на сензорното оптоварување, како и таблет со симболи за алтернативна и аугментативна комуникација, инспириран од уредите што се користат за олеснување на секојдневната комуникација.
Облеката е внимателно избрана: широк виолетов фустан со тенки пруги, кратки ракави и лесен, широк долен дел, со цел да се намали контактот на ткаенината со кожата. Изгледот го надополнуваат рамни виолетови чевли, кои овозможуваат поголема стабилност и полесно движење.
Да потсетиме, првите кукли Барби се појавија во 1959 година, но дури во 2019 година во понудата за првпат беа вклучени кукли со инвалидитет. Денес постојат кукли во инвалидска количка, со Даунов синдром, протези, витилиго и слушни апарати, како и Кен кукли со слични карактеристики.

Џејми Сајџелман, директорка за кукли наменети за глобалниот пазар во „Мател“, изјави дека новата Барби претставува продолжение на посветеноста на компанијата кон инклузијата.
„Барби отсекогаш се стремела да го одразува светот што децата го гледаат и можностите што ги замислуваат. Горди сме што ја претставуваме првата Барби кукла со аутизам, бидејќи секое дете заслужува да се препознае во Барби“, истакна Сајџелман.
Претставници на организации што работат со лица со аутизам оценуваат дека оваа кукла може да придонесе за разградување на предрасудите, за поголема видливост на искуствата на аутистичните девојчиња, кои поретко се дијагностицираат од момчињата, како и за нормализирање на користењето помагала во секојдневниот живот.
ФОТО | Создадена првата слепа кукла Барби: Позитивен чекор напред


