Фото: Фејсбук/Инстаграм/Гилијан Тејлор

ФОТО+ВИДЕО | Крај на една ера: Англиска уметница ги претвора последните писма од Данска во уметност

Уметницата Гилијан Тејлор од Девон ги собира последните писма и разгледници испратени преку данската поштенска служба, која по повеќе од 400 години ја укинува услугата за доставување писма. Со овој проект, таа сака уметнички да го одбележи крајот на една поштенска ера.

Националната поштенска служба на Данска, „ПостНорд“, од декември престана со доставување писма поради значителниот пад на побарувачката и отсега ќе се фокусира исклучиво на испорака на пакети. Компанијата во март официјално соопшти дека услугата за писмена пошта целосно ќе биде укината до крајот на 2025 година.

Тејлор ги покани граѓаните на Данска да ѝ испратат писмо „уште еднаш“, како симболичен поздрав со традиционалната поштенска комуникација. Пристигнатите писма и разгледници ќе бидат дел од уметничка инсталација со наслов „Med Venlig Hilsen“ (во превод: „Со почит“), која ќе биде изложена во мај во галеријата „Телма Халберт“ во Хонитон, Девон.

Фото: Инстаграм/Гилијан Тејлор

Уметницата, која во минатото работела во Копенхаген, вели дека одлуката на „ПостНорд“ да ги укине писмата и да ги отстрани поштенските сандачиња претставува значаен културен момент.

„Тоа ми се чинеше како нешто што заслужува да биде обележано преку уметност“, изјави таа за Би-би-си.

Меѓу пристигнатите писма има лични приказни, фотографии, честитки, па дури и мапа со локациите на последните три поштенски сандачиња во еден дел од Данска. Едно од писмата, како што раскажува Тејлор, зборува за детски спомени и за мајка која ги читала писмата на глас.

За проектот, таа добила дозвола од Данската кралска библиотека да користи и копии од писма што Ханс Кристијан Андерсен му ги испраќал на Чарлс Дикенс.

Уметност со писмата на Ханс Кристијан Андерсен / Фото: Инстаграм/Гилијан Тејлор

Инсталацијата ќе биде составена од цветови паричиња исечени од самите писма, кои ќе бидат закачени од таванот. За оние кои не знаат, паричето е национален цвет на Данска.

Од „ПостНорд“ посочуваат дека Данска е една од најдигитализираните земји во светот и дека електронската пошта и мобилните апликации одамна се доминантни форми на комуникација. Претставници на компанијата оценија дека изложбата е „убава уметничка идеја“ и дека има емоционално и едукативно значење, особено за децата кои не пораснале со пишување писма.

Тејлор се надева дека уметничката инсталација во иднина ќе биде прикажана и во Копенхаген.

Данската поштенска служба престанува да доставува писма по 400 години

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот