ФОТОГАЛЕРИЈА | Дијаспората поделена: поддршка за Вучиќ со ограничена мобилизација во Виена
И покрај присуството на српски дипломати и симболичната поддршка за Александар Вучиќ, митингот во Виена помина со скромен одѕив и без посилна политичка енергија. Малата бројност и отсуството на говори оставија впечаток на внимателно контролиран, но прилично блед обид за мобилизација на српската дијаспора во Австрија.
Со околу 150 присутни, денеска во Виена се одржа собир на српската дијаспора за поддршка на српскиот претседател Александар Вучиќ, во организација на Здружението на Србите во Австрија.
Препорачано
Митингот се одржа пред седиштето на Амбасадата на Република Србија во Ölzeltgasse, а иако беше најавен за 17 часот, започна со околу половина час задоцнување. Главниот транспарент на собирот беше пораката „Србија победува“, додека присутните носеа српски знамиња и симболи.

На собирот присуствуваа и амбасадорот на Србија во Австрија Марко Благојевиќ, како и Жарко Обрадовиќ, постојан претставник на Србија при ОБСЕ и другите меѓународни организации во Виена. И покрај нивното присуство, немаше официјални говори ниту обраќања од политички претставници.;

Собирот помина мирно и без инциденти, а на терен беше присутна и виенската полиција која го обезбедуваше настанот.

Иако организаторите го претставија собирот како израз на поддршка за режимот на официјален Белград, релативно малиот одзив отвори прашања за реалниот капацитет на мобилизација на српската дијаспора во Австрија во момент кога политичките поделби во Србија сe поотворено се прелеваат и надвор од нејзините граници.

Особено индикативно е што митингот се одржа во период на засилени политички тензии и масовни протести во Србија, но без поизразена енергија и без посилна јавна мобилизација во Виена — град кој традиционално важи за едно од најважните упоришта на српската дијаспора во Европа.

Отсуството на говори од официјални претставници дополнително остави впечаток на внимателно контролиран и симболичен собир, повеќе насочен кон демонстрација на присуство отколку кон испраќање посилна политичка порака.


