ФОТО | За што постојат институциите ако го снемува архитектонското наследство, прашуваат од „Охрид СОС“ по рушењето на куќата од 1927 година
Иницијативата „Охрид СОС“ повторно реагира на рушењето на препозналивата куќа на улицата „Димитар Влахов“, нагласувајќи дека за краток временски период Охрид изгуби повеќе објекти кои требаа да се дел од неговото архитектонско наследство.
Препорачано
Управата за културното наследство, во својата вчерашна објава поврзана со срушената куќа од 1927 година, главен акцент даде на тоа дека „Охрид СОС“ бил ненадлежен да дава предлози кои објекти треба да бидат заштитени како културно наследство.
„Иако првично наведоа дека објектот се наоѓал во контактната зона на споменичната целина Старо градско јадро на Охрид за кој постои утврден режим на заштита, подоцна, во дополнение на првичната објава констатираа дека предметниот објект бил надвор и од контактната зона на Старо градско јадро, и затоа Управата нема ингеренции да постапува понатаму. И покрај тоа, на истата страна од улицата, во непосредна близина на оваа локација се наоѓаат објекти кои се на листата на културни добра, меѓу нив и охридската гимназија“, посочуваат од „Охрид СОС“.

Од Управата во продолжение посочија дека Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид е надлежна установа која треба да ја следи состојбата на терен. Но, според активистите, тоа следење подолг временски период како воопшто да не се случува.
„Само на листата на културни добра пречкртани се 56 објекти на кои им престанала заштитата, најверојатно дека се срушени, несоодветно обновени или од некои трети причини. Десетици објекти во и вон контактната зона на старото градско јадро иако имаат основа да се на оваа листа и заштитени, до денес не се. Единствена кратка изјава, се разбира пост фестум, која досега ја даде локалната надлежна институција е дека ‘објектот поседува архитектонски вредности на јужната фасада и дека не поседува други вредности ни во ентериерот ни во екстериерот’“, забележуваат од „Охрид СОС“.

Дополнително, од институцијата наведоа и дека „до нивната установа досега нема доставено барање од инвеститорот за мислење за усогласеност на новопредвидената градба со Планот за управување со Охридскиот Регион и не сме запознаени со намерата за уривање на објектот ниту знаеме како ќе изгледа предметната нова градба“. На крај констатираат дека „барањето за итна заштита стигна пред продолжен викенд, а објектот беше срушен во неработен ден пред да реагираме. Наместо рушење, старата фасада можеше и требаше да се инкорпорира во новата градба, по примерот на европските градови“.
„Охрид СОС“ потсетува дека уште пред повеќе од една година предупредиле за штетниот предлог-план за овој опфат кај Маларична, и за можното рушење не само на овој објект, туку и на други два модернистички објекти во непосредна близина, дело на познати и наградувани македонски архитекти.
„Дополнително, здравствениот дом основан од прочуениот педијатар Елена Етингер Каваева, кој стои на тоа место веќе еден век. Доколку ние не сме надлежни, оние кои се имаа повеќе од доволно време да реагираат и да го стават овој објект под привремена заштита. Не веруваме дека не слушнале за намерите или за предложениот урбанистички план за овој опфат“, посочуваат активистите.

За краток временски период, велат тие, Охрид изгуби повеќе објекти кои требаа да се дел од неговото архитектонско наследство.
„Да не се заборави дека и за ресторанот ‘Парк’ (објект на познат и наградуван охридски архитект) имавме поднесено барање за привремена заштита, благовремено, иако ненадлежни, бидејќи институциите не сакаа да направат ништо за негово зачувување. Иако имаа доволно време да реагираат, тоа не го сторија и за време на полициски час, во услови на пандемија, исто така во викенд, се сруши преку ноќ. Куќата на улицата ‘Димитар Влахов’ каде се наоѓаше ССМ и во која за време на Втората светска војна беа осудени меѓу другите и Петре Пирузе и Андон Дуков, иако со одобрение за реставрација, на крај заврши како нов објект, без никој да биде казнет за непочитување на институциите. Од локалната надлежна институција нормално молк“, нагласува „Охрид СОС“.
Воедно, прашува што уште треба да се случи за надлежните да почнат да делуваат согласно своите ингеренции и за целта за која се формирани овие институции?
„Зарем Охридскиот Регион и досега не изгуби доволно од своето архитектонско наследство? За што постојат сите овие функции ако ненадлежните алармираат и бараат заштита на културното наследство? До кога ќе се релативизира и ќе се даваат штури изјави без некој да преземе одговорност за губењето на уникатни делови од мозаикот кој се нарекува колективна историја?“, прашуваат од иницијативата.


