Фото: Драгана Николоска

ФОТО | „Во меѓувреме, дојам“: Фотографска изложба на Драгана Николоска што ја менува перцепцијата за мајчинството

Во Центар „Јадро“ во Скопје вчера беше отворена фотографската изложба „Во меѓувреме, дојам“ на Драгана Николоска, која продолжува и денес, а ќе биде достапна за посетителите и утре. Изложбата се одржува по повод Светската недела на доењето и веќе на првиот ден привлече голем интерес меѓу љубителите на добрата фотографија.

Низ објективот на Николоска се доловени 13 мајки и нивните бебиња, но фокусот не е само на чинoт на доењето, туку на целото искуство – телесно, емоционално и општествено.

„Отворањето помина одлично – топло и со многу позитивна енергија. Имаше искрен интерес од посетителите за изложбата и за приказните зад фотографиите. Луѓето прашуваа, коментираа, се поврзуваа со темата. Посебно ми значеше што многу мајки се препознаа во моментите што ги доловив, а некои ми кажаа дека првпат гледаат ваква реална претстава на доењето“, изјави авторката Драгана Николоска за „Слободен печат“.

Фото: Драгана Николоска

Таа имала можност да им се обрати на посетителите и да го објасни целиот процес – од идејата до реализацијата.

„Зборував за тоа како се роди желбата да ги доловам реалните моменти на мајките што дојат, за предизвиците при фотографирањето, и за важноста од нормализирање на доењето во јавноста. Споделив и колку бев изненадена од бројот на мајки што се пријавија да учествуваат и колку нивните приказни ме инспирираа да ја создадам оваа изложба“, додава Николоска.

Фото: Драгана Николоска

По отворањето, многумина ѝ пријдоа со зборови на благодарност, велејќи дека за првпат некој искрено ја прикажал реалноста на доењето.

„Тоа за мене значи дека изложбата си ја исполнува својата цел – да допре, да отвори тема, и да не остави никого рамнодушен“, вели фотографката.

Изложбата „Во меѓувреме, дојам“ останува отворена до утре во Центар Јадро, а фотографиите се достапни и онлајн, на loveclick.mk.

Фото: Драгана Николоска
Фото: Драгана Николоска
Фото: Драгана Николоска
Фото: Драгана Николоска
Фото: Драгана Николоска

Интервју со Драгана Николоска, фотографка: Фотографијата е моќ да ја зачуваме љубовта – секој момент со најблиските е бесценет

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот