
Интервју со Драгана Николоска, фотографка: Фотографијата е моќ да ја зачуваме љубовта – секој момент со најблиските е бесценет
Фотографијата има моќ да нè врати назад во времето, да разбуди емоции и да ни ги оживее најважните моменти. Токму оваа магија на фотографијата ја води Драгана Николоска во нејзината професионална кариера. Специјализирана за семејни фотосесии, таа со својот објектив успева да ги долови најискрените емоции на семејните врски.
Препорачано
Нејзината љубов кон фотографијата започнала уште од детството, инспирирана од семејните албуми и дедо ѝ, кој имал свое мини студио. Со текот на годините, хобито прераснало во професија, а раѓањето на нејзината ќерка дополнително ја мотивирало да се посвети на овековечување на тие мали, но бесценети моменти.
Во интервју за „Слободен печат“, Драгана зборува за нејзиниот пат во фотографијата, инспирацијата зад нејзините сесии, важноста на семејните фотографии и иницијативите што ги организира за да ги поттикне жените и мајките да зачуваат драгоцени спомени.
Драгана, како започна вашата љубов кон фотографијата?
– Отсекогаш сум ја сакала фотографијата. Како мала кај баба ми и дедо ми постојано гледав стари албуми со слики. Дедо ми дури имаше свое мини студио дома и сам ги развиваше фотографиите. Во основно училиште, моите родители ми купија мал „поинт-енд-шут“ („point-and-shoot“) фотоапарат – во време кога мобилните телефони сè уште немаа камери. Со него ги документирав сите моменти што ми беа значајни. Подоцна, од заштедените пари за матура, си купив полупрофесионален фотоапарат, кој ми беше верен придружник низ годините, овозможувајќи ми да ја негувам фотографијата како хоби.
Секогаш сум верувала дека фотографиите имаат неверојатна моќ – можат да нè вратат назад во времето, да разбудат емоции и да ни ги оживеат најважните спомени. Со раѓањето на мојата ќерка, се роди и мојата муза која ме поттикна да го погледнам светот низ нов објектив. Како мајка, уште повеќе ја сфатив вредноста на овековечувањето на тие мали, но бесценети моменти. Со тек на времето, фотографијата стана повеќе од хоби – стана мој начин на изразување, а сега и професија што ја работам со огромна љубов.

Се одлучивте да се специјализирате во фотографирање на мајки, трудници, новороденчиња и семејства. Што ве привлече кон оваа област? Што ја прави оваа фотографија толку значајна за вас?
– Мајчинството е една од најубавите, но и најпредизвикувачките улоги во животот. Токму затоа сакав мојата фотографија да биде посветена на приказните на мајките, на љубовта што ја делат со своите деца и на сите тие мали моменти што брзо поминуваат, но засекогаш остануваат во срцето. Како што ќерка ми растеше, се трудев да ги фатам сите нејзини важни моменти. Сепак, со текот на времето, сфатив дека иако имам многу фотографии од неа, имаме малку заеднички фотографии што нè прикажуваат нас како семејство. Тоа ме натера да размислам: колку од нас имаат убава и квалитетна фотографија што вистински ја прикажува нашата фамилија?
Ова сознание ми беше инспирација моето хоби да го претворам во професионален бизнис. Верувам дека секој момент поминат со нашите најблиски е бесценет и дека треба да го зачуваме во форма на трајни сеќавања. Семејните фотографии се најскапоценото наследство што можеме да им го оставиме на нашите деца. Оваа професија ми овозможува да бидам сведок на толку многу љубов и нежност, а тоа ме исполнува на посебен начин.
Често споменувате дека вашата цел е да овековечите спомени и да доловите автентични емоции. Како успевате да ги фатите тие интимни моменти и да ја пренесете нивната суштина преку објективот?
– Најчесто сликам во домовите на клиентите каде што тие веќе се чувствуваат свои и опуштени. Мојата задача не е да наметнувам позирања, туку да дадам насоки каде да биде погледот, рацете или како да се движат. Бидејќи, кога ќе ги отфрлиме позирањата и формалностите, тогаш излегуваат најискрените емоции – прегратки, погледи полни со љубов, ситни гестови што зборуваат повеќе од илјада зборови. Сакам моите клиенти да не чувствуваат дека се пред камера, туку да уживаат во моментот со своите најблиски.
Кога сликам, најголемиот акцент ми е на мајката и нејзината врска со бебето или со трудничкото меше. Мајката едноставно мора да има една убава фотографија со своето бебе или дете, која ќе ја чува како спомен цел живот. За мене, тој момент е срцето на секоја фотосесија.

Неодамна реализиравте прекрасна фотосесија со Едина Муса, додека таа го очекуваше своето прво дете. Како настана соработката? Како ја замисливте концепцијата и што сакавте да пренесете со тие фотографии?
– Едина ми пиша дека сака да направиме трудничка фотосесија, а јас со задоволство прифатив да бидам дел од овој прекрасен период во нејзиниот живот. Таа има природна убавина и беше многу лесно да се работи со неа, бидејќи, веројатно искусна при фотографирањето, знаеше како да се постави, па ѝ давав само минимални сугестии и предлози. Ми се допаѓа тоа што е природна и спонтана, на повеќето слики искрено насмеана.
На почетокот се договаравме фотосесијата да ја направиме на отворено, но јас навивав тоа да биде во домашна атмосфера, за да биде поинтимно и поопуштено. Сакав да ја доловиме таа топлина и интимност која е толку присутна во домот, особено кога се очекува нов член во семејството.
Заедно со Едина создадовме навистина прекрасни фотографии кои ќе бидат спомен за цел живот. Веќе се договараме да направиме уште една фотосесија, но и со синот Максим.
При разговорот ми споменавте дека планирате бесплатна фотосесија за жени по повод 8 Март, со цел што повеќе жени да добијат убав портрет. Што ве инспирираше да ја организирате оваа мини кампања?
– Верувам дека секоја жена заслужува да се види себеси низ очи полни со љубов и восхит. Често сме преокупирани со обврски, се ставаме себеси на последно место и ретко се гледаме во својот најубав сјај. Сакам оваа иницијатива да биде мал потсетник за секоја жена дека е вредна, убава и заслужува да има спомен што ќе ја потсети на тоа.

Дали има некои критериуми за учество? Како заинтересираните жени ќе можат да се пријават?
– Нема никакви посебни критериуми – оваа иницијатива е за сите жени кои сакаат да добијат еден убав, професионален портрет за спомен. Сите жени кои сакаат да учествуваат ќе можат да се пријават преку мојот инстаграм-профил @loveclick.mk. Повеќе детали ќе објавам наскоро.
По повод Светската недела на доењето, организиравте фотонатпревар на кој учесниците споделуваа фотографии кои ја прикажуваат уникатната врска со нивното дете. Дали некоја приказна од учесниците ви остави посебен впечаток?
– Преку „loveclick.mk“ сакам да создадам една топла и поддржувачка заедница која ќе ја поврзува љубовта и емоциите меѓу мајките, децата и семејствата. Идејата за фотонатпревар беше да ги мотивирам учесниците да споделат слика која ја прикажува нивната „доенечка приказна“, наместо да биде некој класичен „giveaway“.
Доењето сè уште кај нас е тема за која не се зборува доволно отворено. Често се смета за нешто што треба да остане приватно, па многу мајки немаат можност да ги споделат своите приказни, искуства или предизвици. Верувам дека кога отворено зборуваме за овие моменти и ги прикажуваме преку фотографии на кои бебето се дои, придонесуваме доењето да се доживува како нешто сосема природно и нормално. На тој начин создаваме простор каде идните мајки можат да најдат поддршка, мотивација и корисни совети што ќе им помогнат на нивниот пат.
Планирам вакви интересни настани и натпревари да одржувам на редовна основа, бидејќи верувам дека е важно да ги инспирирам мајките и семејствата да ги ценат и забележат тие секојдневни моменти кои понекогаш изгледаат мали, но всушност се најзначајни.

Како фотограф, постојано треба да се учи и да се следат новите трендови. Какви техники или трендови ве инспирираат во моментов?
– Верувам дека учењето никогаш не запира, и токму затоа веќе со години посветувам голем дел од своето време на едукација и усовршување во оваа област. Имам посетено и сум претплатена на неколку курсеви организирани од светски познати фотографи специјализирани за мајчинство и семејна фотографија. Преку нив учам нови техники, начини на работа со природна светлина и пристап кон клиентите што помага да се создаде опуштена и автентична атмосфера на фотосесиите.
Во моментов, особено ме инспирираат трендовите што се фокусираат на минималистички пристап и бохо сетапи, каде што акцентот е ставен на неколку пастелни и нежни бои како бела, беж, крем и топли земјени тонови. Едноставно, не сакам да има дистракции што би го одвлекле вниманието од мојот главен субјект – мајката и нејзината поврзаност со бебето.
Моето мото во животот е „помалку е повеќе“, и тој принцип дефинитивно важи и во фотографијата. Верувам дека едноставноста носи најголема убавина и дека преку минималистичкиот пристап, каде што сè е внимателно избрано, фотографиите добиваат безвременска вредност и автентичност.
Секој фотограф има свој потпис, нешто што го прави препознатлив. Како би ја опишале вашата работа во три збора? Што сакате да почувствуваат луѓето кога ќе ги видат вашите фотографии?
– Автентичност, нежност, топлина. Сакам моите фотографии да раскажуваат приказни, да доловуваат чувства и да бидат безвременски спомени за семејствата што ги фотографирам. Сакам луѓето кога ќе ги видат моите фотографии да се насмеат, да пуштат солза, да се потсетат на еден убав момент што никогаш нема да се врати, но секогаш ќе остане со нив благодарение на фотографијата.