ФОТО | Украдено легендарното розово „Фиќо“, миленичето на Загреб — сопственикот апелира за помош да се пронајде „Змајчек“
Жителите на Загреб се во неверување по веста дека легендарното розово „Фиќо“, милениче на целиот град, исчезна од аголот на улицата Котурашка во средата. Неговиот сопственик, 71-годишниот Жељко Врховски, апелира за помош за да се пронајде автомобилот кој за неговото семејство е многу повеќе од обичен лим, пишува „24сата“.
Препорачано

Познат под прекарот „Змајчек“, овој „Фиат 500“ Жељко ѝ го подарил на својата сопруга пред повеќе од три децении. Автомобилот бил присутен во сите важни моменти на семејството, од излети и семејни собири до секојдневни возења низ градот.

„Да ми украдеа некој голем и скап автомобил, немаше да жалам, таков може да се купи секаде. Но, мојот ‘Змајчек’ е незаменлив. Тој учествуваше во музички спотови, децата доаѓаа да го галат и да се фотографираат со него, а ќерка ми дури сними и филм за него. Срцето ме боли, ми се плаче додека зборувам“, вели Жељко.

Откако се рашири веста за кражбата, Жељко добил над 50 повици од граѓани кои веруваат дека го виделе препознатливото возило. „Змајчек“ е легенда на загрепските улици, луѓето го застанувале за фотографија, му мавтале од трамваите и му се радувале на неговиот уникатен шарм.

Загребската полиција потврди дека автомобилот со загрепски регистарски таблички е украден во средата, на 6-ти мај, помеѓу 11:30 и 20:00 часот.
Сопственикот упатува апел до сите што имаат каква било информација веднаш да се јават во полиција. За семејството Врховски, ова не е само материјална штета, туку губење на дел од нивната душа и спомени кои немаат цена.


