Ноел Кларк - Фото: EPA/ANDY RAIN

ФОТО | Уапсен актерот од серијата „Доктор Ху“: Ноел Кларк е обвинет за силување

Британскиот актер Ноел Кларк, познат по улогите во серијата „Доктор Ху“ и филмот „Детство“, е уапсен поради сомнеж за обид за силување и сексуален напад, објавија британските медиуми. Според Метрополитенската полиција, Кларк (50) е приведен во вторник, 10 февруари, поради наводен сексуален престап што се случил во 2007 година во Лондон, а жртвата била жена во дваесеттите години од животот.

По сослушувањето, е пуштен под кауција додека трае истрагата.

Како што пишува „Сан“, Кларк се појавил во полициската станица во Исингтон, северно од Лондон, по претходен договор, во придружба на сопругата и адвокатот. Истрагата ја спровеле детективи од Централната единица за специјализиран криминал.

Полицијата соопшти дека за време на сослушувањето, Кларк бил испрашуван и во врска со обвиненија за воајеризам, поради кои веќе бил уапсен во септември 2025 година. Тој случај се однесува на наводен криминален чин од 2013 година, исто така во Лондон, а жртвата била жена во дваесеттите години.

Ноел Кларк стекна голема популарност играјќи го ликот на Мики Смит во серијата „Доктор Ху“ меѓу 2005 и 2010 година, по што изгради успешна кариера како актер, сценарист, продуцент и режисер.

Сепак, неговата кариера доживеа голем пад во 2021 година, откако „Гардијан“ објави сведоштва од неколку жени кои работеле со него и го обвинија за сексуално вознемирување. Кларк ги негираше обвиненијата.

Во август минатата година загуби тужба за клевета против издавачот на весникот, а во септември вишиот суд одлучи дека мора да плати најмалку три милиони фунти судски трошоци на медиумската компанија.

Кларк, застапувајќи се самиот пред судот, тврдел дека трошоците се прекумерни, но судот го одбил неговиот приговор.

„Гардијан“ подоцна наведе дека вкупните трошоци за постапката можат да достигнат шест милиони фунти, што дополнително ја комплицира положбата на една од препознатливите фигури на британската филмска и телевизиска сцена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот