Прирачник за сексуалноста од 18 век/Фото: The Picture Art Collection / Alamy / Profimedia

ФОТО | Шокантен прирачник од 18 век – толку е експлицитен, што бил забранет 250 години!

Речиси заборавениот „прирачник за сексуалноста“ од 18 век е повторно откриен, откако бил забранет речиси 250 години поради неговата експлицитна содржина, бизарни совети и тврдења за односите меѓу луѓето и животните.

Илустрираната книга од почетокот на новиот век, првично објавена во 1720 година, била забранета сè до 1960-тите, додека првото издание под наслов „Ремек-дело на Аристотел“ се појавило во Лондон уште во 1684 година.

Илустрации на чудовишта и влијанието на фантазијата

Книгата била забранета од неколку причини, а една од главните биле експлицитните илустрации. Авторите биле опседнати со идејата за „неприродни односи меѓу жени и ѕверови“, па затоа во книгата вклучиле неколку дрворезби кои, наводно, го прикажуваат потомството настанато од таквите односи.

Проценителот на книги, Џим Спенсер, од „Хенсонс аукшионерс“, објаснува:

„Книгата вклучува дрворезби на ‘чудовишта’ за кои се тврди дека се создадени затоа што жените имале односи со животни, на пример, со куче“.

Прирачник за сексуалност/Фото: The Picture Art Collection / Alamy / Profimedia

Меѓу илустрациите се и суштества како што е човек со грмушеста кучешка опашка, како и „чудовиште родено во Равена во 1512 година“. Ваквите случаи се припишуваат, како што е наведено, на „валканите и расипани склоности“.

„Сепак, треба да имате предвид дека книгата е напишана во време кога во Англија луѓето сè уште биле спалувани под обвинение дека се вештерки“, додава Спенсер.

Освен тоа, во прирачникот се тврди дека мислите на родителите во текот на сексуалниот однос влијаат на изгледот на детето. На жените им се советува „внимателно да ги гледаат своите сопрузи за нивните деца да личат на нив“. Инаку, ако нивните умови талкаат, постои ризик детето да се роди со „големи, дебели усни“.

Книгата дури содржи и илустрација на „целосно влакнесто девојче и црно дете“ како примери за наводното влијание на родителската фантазијa.

Совети за хармоничен брак

И покрај бизарните идеи, книгата го смета бракот за основа на среќниот живот.

„Нема сомнение дека соединувањето на срцата во светиот брак е најсреќната состојба, бидејќи тогаш мажот го добива своето второ јас, личност на која може да ѝ ги довери своите мисли, но и мил сопатник во своите работи“, се наведува во текстот.

Прирачникот, исто така, нуди и „совет за двата пола во сексуалниот чин“.

„Ги советувам, пред да започнат со брачните прегратки, да ја интензивираат меѓусебната желба и да ја разгорат страста, на оние нежни начини со кои љубовта може да ги научи подобро отколку што можам да ги опишам“, пишува авторот.

„И кога го прават она што природата го диктира, мажот мора да внимава да не се повлече прерано од женската прегратка.“

Прирачник за сексуалност/Фото:Hansons / / SWNS / Profimedia

Мажот како чудо, жената склона на пороци

Ставовите за половите изнесени во книгата го одразуваат времето во кое е напишана. Мажот е опишан како „чудо на светот, на кое сè му е подредено“, додека жените се прикажани како суштества склони кон сексуална попустливост.

„Склоноста на девојките кон брак можат да се препознаат по многу знаци, бидејќи кога ќе достигнат пубертет, околу 14 или 15 години, им започнува менструацијата. Крвта што повеќе не се користи за раст на нивните тела ги разгорува, ги стимулира нивните умови за телесни задоволства“, се наведува во книгата.

Се додава дека на тоа влијаат и надворешни фактори:

„Ако јадат тешка, мрсна храна и зачини, телото дополнително се загрева, па желбата за љубовни прегратки станува многу силна.“

Сепак, се тврди дека кога девојките се мажат и тие желби се задоволени со „уживање со своите сопрузи“, тие стануваат „поведри и порасположени“.

Исхрана и астрологија за избор на полот на детето

Прирачникот нуди и практични совети за исхраната и астрологијата за да им помогне на паровите. На мажите им се препорачува да јадат месо за да ја поттикнат плодноста.

Долгиот список на намирници за подобрување на машката сексуална функција вклучува јајца, врапчиња, дроздови, еребици, пашканат, млади гулаби, ѓумбир и репа.

На паровите кои сакаат момче им се советува жената да легне на десната страна по сексуалниот однос, а за девојче на левата. Астрологијата исто така игра важна улога:

„Најповолно време за зачнување машки деца е кога Сонцето е во Лав, а Месечината во Девица, Скорпија или Стрелец. Најдобро време за зачнување женско дете е кога Месечината е во опаѓање, во Вага или во Водолија.“

Желби за бременост и брачни грешки

Книгата се занимава и со „необичните желби“ на трудниците за работи што не се за јадење, како што се „јаглен, ѓубре, креди, шајки, кожа, човечко и коњско месо“.

Машкото семе е опишано како „божествен дар богато обдарен со животниот дух што му дава облик и форма на ембрионот“.

На крајот, прирачникот предупредува и за брачните грешки. Како пример се наведува помлад маж кој, поради своето богатство, се венчава со жена која би можела да му биде баба.

„Истото може да се каже и кога еден вљубен старец се жени со млада девица во напонот на нејзината младост и сила, која залудно се обидува да ја задоволи, со што само го забрзува своето заминување во гроб“, се заклучува во книгата.

 

Фото: The Picture Art Collection / Alamy / Profimedia

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот