Оштетување на подвожњакот кај Скендер Бег - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Оштетување на подвожњакот кај Скендер Бег - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ФОТО | Се рони бетонот и столбовите под „Скендербег“, Градот најави увид

Откако ќе се направи увид, од Град Скопје информираа дека ќе следува детална проценка на оштетувањето на овој простор, односно и на столбовите и на бетонските плочи над булеварот, а потоа би се направила евентуална санација што би спречила каков било немил настан.

Граѓани од минатата недела започнаа да алармираат за сериозна опасност кај подвозникот на булеварот „Гоце Делчев“ што поминува под плоштадот „Скендербег“, каде што дел од потпорните бетонски плочи се сериозно оштетени, започнуваат да се ронат од влагата и се поткршени, создавајќи сериозна закана за илјадниците возачи што секојдневно минуваат на оваа локација.

Оштетување на подвожњакот кај Скендер Бег - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Оштетување на подвозникот кај Скендер Бег – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Бетонските плочи се ронат, Градот ќе направи увид

„Слободен печат“ отиде на критичната локација од овој подвозник, каде што можевме да забележиме дека апелите и загриженоста на скопјани е сосема оправдана – плочите се ронат и на едно место се веќе одвоени една од друга, а на неколку места над подвозникот плочите се излупени и избледени, влагата сè повеќе се проширува и зафаќа поголем дел од потпорниот дел од подвозникот.

Можеби најсериозно е оштетувањето на дел од носечките столбови над кои е сместен плоштадот „Скендербег“, кои се поткршени, изронети и одвоени, што не претставува закана само за возачите што минуваат под плоштадот, туку и за пешаците што се движат по плоштадот.

Оштетување на подвозникот кај Скендер Бег - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Оштетување на подвозникот кај Скендер Бег – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Веднаш ги контактиравме Град Скопје и ги информиравме за овој проблем, од каде што ни одговорија дека во најкус рок ќе им дадат насоки на ЈП „Улици и патишта“ да направат увид на конструкцијата и целиот тој простор над булеварот каде што има разронети метални плочи и бетонски столбови.

– Во врска со оштетените бетонски плочи над булеварот „Гоце Делчев“, ве известуваме дека Град Скопје во најкус можен рок ќе испрати екипи на ЈП „Улици и патишта“ – Скопје за да извршат увид на терен и да ја утврдат состојбата на конструкцијата – изјавија од Градот.

Оштетување на подвожњакот кај Скендер Бег - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Оштетување на подвозникот кај Скендер Бег – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Откако ќе се направи увид, од Град Скопје информираа дека ќе следува детална процена на оштетувањето на овој простор, односно и на столбовите и на бетонските плочи над булеварот, а потоа би се направила санација.

– По извршениот увид, ќе се направи детална процена на оштетувањата, по што ќе се пристапи кон соодветна санација на сите утврдени оштетени и небезбедни делови, со цел спречување евентуални несакани настани и обезбедување безбедно одвивање на сообраќајот. Во однос на реставрацијата на целиот простор над булеварот, дополнително ќе се постапува согласно наодите од стручната анализа и утврдената состојба на терен – соопштија од Град Скопје.

Ѕидовите вандализирани, лифтот уништен

Одејќи кон оваа локација, за нас, но и за сите минувачи беше невозможно да се избегнат руинираните лифтови и скалила што водат кон плоштадот „Скендербег“. Глетката беше ужасна, лифтовите беа покриени со прашина и вандализирани.

Лифтот на плоштадот на Скендер Бег - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Лифтот на плоштадот на Скендербег – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Автоматските врати од лифтот се целосно уништени и насилно отворени, а внатрешниот дел од лифтот е исполнет со секаков тип ѓубре, ќеси со отпад, стара и валкана облека, а ужасно е валкан и внатрешниот дел од вратата на лифтот, која е покриена со кафена материја. Сѐ на сѐ, целата оваа глетка и состојба го прави тотално неупотреблив за граѓаните.

Лифтовите не работат со години, а негрижата од надлежните се забележува со тоа што освен што се надвор од функција, лифтовите се ужасни и однадвор, пречкртани со секакви спрејови за боја, а оштетување може да се забележи и на стаклената конструкција околу лифтот која е огромна и премногу валкана. Прозорците се матни, а наместа и кафени, бидејќи очигледно оваа градба со години не е генерално исчистена од комуналните служби на Општината.

Лифтот на плоштадот на Скендер Бег - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Лифтот на плоштадот на Скендербег – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Со оглед на ужасната состојба и нефункционалноста на лифтот, скалилата се единствениот начин за качување на плоштадот, но и патот до нив не е нешто почист од просторот околу и во лифтот – ѕидовите се исчкртани, корпата за отпадоци е уништена и откорната, правејќи ја глетката на пешаците навистина „магична“ додека се качуваат по скалилата за да стигнат до плоштадот „Скендербег“.

ГАЛЕРИЈА | Уништен лифтот кај „Скендербег“

На прашањата до Општина Чаир зошто местото е заборавено од нивните служби и дали во скоро време на оваа локација ќе наминат општинските комуналци, но и до каде е изградбата на подземниот паркинг, што претставува последната трета фаза од проектот за плоштадот „Скендербег“, оттаму до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

Најпрвин останува да видиме дали екипи на „Улици и патишта“ ќе излезат на терен и ќе направат увид на оштетените бетонски плочи кај подвозникот, да направат процена и потоа да ги санираат овие критични точки, кои претставуваат сериозна закана за големиот број граѓани што секојдневно минуваат преку оваа подземна сообраќајница.

Лифтот на плоштадот на Скендер Бег - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Лифтот на плоштадот на Скендербег – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Плоштадот сѐ уште не е завршен, а досега чини над 11 милиони евра

Градењето на плоштадот „Скендербег“ беше предвидено да се одвива во три фази, а камен-темелникот беше поставен во јануари 2012 година. По завршувањето на првата и втората фаза со одредени задоцнувања, плоштадот конечно во 2017 беше пуштен во употреба за граѓаните, но третата и последна фаза остана недовршена до денес.

Третата фаза предвидува изградба на подземен паркинг на две нивоа со капацитет од 400 возила на местото на сегашниот паркинг кај стоковната куќа „Илинден“, но речиси една деценија по пуштањето на употреба на плоштадот, работите за третата фаза со која би завршил овој проект, сè уште не започнале.

Оштетување на подвожњакот кај Скендер Бег - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Оштетување на подвозникот кај Скендербег – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Ветувања за започнување на третата фаза имаше и од ексградоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој вети завршување на подземниот паркинг до 2021 година, за кој имаше и предвиден буџет од околу 12,8 милиони евра.

Сепак, Ганиу не успеа ниту во првиот ниту во вториот мандат да ја заврши подземната гаража. И актуелниот градоначалник Изет Меџити во изборната кампања вети подземен паркинг не за 400 возила, туку дури за 800 возила.

– Имаме владина одлука и отворена набавка за изградба на подземна гаража на две нивоа под плоштадот „Скендербег“, со капацитет од 800 возила и површина од над 12.500 метри квадратни. Ова ќе го ослободи централното јадро, ќе овозможи нормално функционирање и ќе ја зголеми вредноста на Чаршијата – изјави Меџити.

Сепак, повеќе од пола година од изборите, на оваа локација во Чаир нема никакви градежни активности кои би го означиле почетокот на изградбата на подземната гаража, со која би се финализирал проектот за плоштадот „Скендербег“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот