ФОТО | По којзнае кој пат, улицата кај Теферич испука и почна да се свлекува, новиот асфалт не издржа ни пола година
Иако пред пет месеци беше извршена реконструкција на патот кон Теферич, која започна во мај и траеше до септември минатата година, силниот дожд „од прва“ го проби новиот асфалт и направи сериозни штети и свлекување на патот.
Препорачано

Фотографии од оштетувањата денеска се појавија на социјалните мрежи, каде граѓаните апелираат да се избегнува движењето по оваа сообраќајница.

Жителите алармираат дека ситуацијата е сериозна и се исплашени од свлечиште, земајќи предвид дека во мај минатата година, овој пат беше затворен поради опасност од свлекување на земјиштето.
„Тој пат итно треба да се затвори, откако ќе се случи нешто веќе ќе е доцна“, „Од сабајле во 7 часот е повлечен уште повеќе. Нагло се свлекува“, „Страшна работа, па уште се сликаат дека го чистеле патот кај Теферич, сега изгледа патот ќе не чисти нас“, „Им пишав мејл на Општина Кисела Вода пред шест месеци за да направат забрана за тешки товарни возила на тој пат за да се избегне оваа ситуација“, се дел од коментарите на жителите, објавени во групата „Ѕид на Општина Кисела Вода“ .

Лошите поправки на патот стануваат традиција
Ова не е ниту прв, ниту вторпат оваа улица да пропаѓа и да се оштетува, земајќи предвид дека уште во септември 2019 година патот беше затворен цел месец поради реконструкција и опасност од свлечиште, а потоа го отворија, но не издржа ниту еден месец, па повторно го затворија во октомври по што повторно беше обновен и пуштен во употреба.
Но за жал тука не завршува проблемот, бидејќи ниту во октомври коловозот не издржа повеќе од неколку недели и повторно беше затворен во ноември, за на крај повторно да биде „реновиран“ и пуштен во употреба во декември.
Потоа, во 2024 година земјиштето повторно го „проголта“ патот и направи сериозно оштетување, поради кое асфалтот беше пропаднат буквално половина, поради локацијата на огромната дупка, која се наоѓаше веднаш зад свијок на патот, безбедноста на возачите беше енормно загрозена.
ВИДЕО | Дупка кај Теферич сериозно ги „загрозува“ сите што возат по улица Мариовска
Потоа, пред девет месеци градоначалниците на Кисела Вода и Сопиште повторно апелираа да не се користи патот што води преку Теферич, бидејќи тогаш тој не беше безбеден за сообраќај.
„Ве информираме дека поради новонастанатата ситуација на патот кон Теферич, кој тоне и на дел од конструкцијата на патот се појавени распукнатини, истиот е затворен за сообраќај од безбедносни причини до остранување на проблемот. За Ваша безбедност, Ве замолуваме да ги користите другите алтернативни патишта“, апелираа тогаш од Општина Сопиште.
Градоначалниците на Кисела Вода и Сопиште апелираат да не се користи патот преку Теферич
Последно, Општините Кисела Вода и Сопиште со заеднички сили, со механизација и екипи од двете локални администрации пред неколку недели го чистеа и уредуваа просторот и патот кај Теферич.
„Заиграа“ метлите во Теферич, Кисела Вода и Сопиште заеднички го чистат просторот
Очигледно, примарниот проблем на овој пат не е неговата нечистота, бидејќи Кисела Вода и Сопиште квалитетно и заеднички се погрижија патот да „светне“, туку вистинскиот проблем е безбедноста на граѓаните кои секојдневно минуваат преку овој пат, кој за жал не може да издржи ниту еден месец по секоја негова обнова во минатото.


