Напуштени објекти во Центар / Фото: Општина Центар

ФОТО | Општината ги исели бездомниците и ги чисти објектите во Центар претворени во депонии

Инспекциските служби на Општина Центар денеска започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ број 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ број 7, во близина на ТЦ „Буњаковец“, информираа од локалната самоуправа.

Од Општината велат дека оваа интервенција е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, кои се пожалиле дека имаат страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.

На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на полицијата биле иселени бездомните лица кои инспекторите ги затекнале во руинираниот објект, по што општинските служби започнале расчистување на сметот во и околу куќата.

Напуштени објекти во Центар / Фото: Општина Центар

Кај „Буњаковец“, пак, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба и по завршување на постапката, од Општината велат дека настанатата мини депонија целосно ќе се исчисти.

Од Општина Центар соопштија дека ова не е првпат инспекторите да реагираат по пријави за овие локации, но од самоуправата велат дека иако се чисти просторот, бездомни лица повторно го населуваат.

-И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно-правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност- се вели во општинското соопштение.

Напуштени објекти во Центар / Фото: Општина Центар

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објекти во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии претставуаат лоша слика за централното градско подрачје, но реална опасност за околината.

-Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме – порача Герасимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот