ФОТО: Одрони на патот кон тетовско Бањиче, демне опасност од големо свлечиште

Фото: Слободен печат

Патот кој води кон рекреативното место Бањиче на реката Пена е меѓу ретките рекреативни зони во Тетово. По реконструкцијата на оваа делница, кога беше изграден нов тротоар и улично осветлување, граѓаните почнаа помасовно да го користат овој предел, но со страв и неизвесност.

Над патот постојано демне ризик од големи свлечишта, кои се активираат по поројни дождови. Така е и деновиве. На самиот тротоар има паднато карпи, а дел од патот е затрупан со наноси земја и камења.

Фото: Слободен печат

„Бањиче е оддалечено околу три километри од Тетово. Пределот кој води кон ова место е прекрасен, покрај река, планина, дишеме чист воздух, нешто што во Тетово го нема. Но, сепак кога пешачиме наместо да се опуштиме, ние сме под постојан стрес поради ерозивните процеси кои ги има. Тука патот и пешачката зона што ја направија е за поздравување, но требаше да ги земат и предвид ризиците од свлечишта. На повеќе места има ерозии. Поставиле многи мали потпорни ѕидови на вакви ризични места“, вели еден жител на Тетово, кого го затекнавме како се рекреира на патот кон Бањиче.

Патот и пешачката зона кон Бањиче беше обновен и проширен пред пет години. Уште тогаш геолозите предупредуваа дека делницата се проширува на сметка на планината со многу стрмни косини, што може да предизвика ерозивни процеси.

За само една година тоа и се случи. На патот постојано паѓаат одрони, а теренот од можни свлечишта е заштитен на неколку места со мали потпорни ѕидови. Но досега, ниту минатата, ниту оваа локална власт, нема преземено сериозни превентивни чекори.

Фото: Слободен печат

Од претходната локална самоуправа пред година и половина на најризичните места направија т.н. каскадни системи, со цел да се заштити пределот од ерозивни процеси. Но овие зафати не се покажаа како ефективни. Токму на местата на каскадните системи, се појавуваат големи свлечишта.

Сегашната локална самоуправа вели дека на планината се појавени пукнатини и земјиштето моментално е дестабилизирано и затоа сега не можат да интервенираат. Поставени се само знаци за предупредување. Но, преку проект се планираат превентивни активности за стабилизација на земјиштетото.

Фото: Слободен печат

Земјиштето ќе се стабилизира преку проектот „Санација и стабилизација на свлечиште ЛОТ 3 во ХЕЦ Пена, Општина Тетово“. Дестабилизацијата, односно пукнатините на косините се појавени на места каде изведувачот воопшто нема започнато со работа, бидејќи се` уште не е безбедно за работа, активностите на терен се прекинати и се очекува да започнат напролет“, велат од Општина Тетово.

Фото: Слободен печат

Инаку проектот за свлечиштето кон Бањиче е на УНДП, организација со чија помош ќе треба да се реализираат уште три дополнителни проекти за заштита од ерозивни процеси за населено место Бозовце, Шипковица и Порој, велат од Општина Тетово.

Фото: Слободен печат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот