ФОТО | Никола Мицевски со „Нова ера“ ја разнежни Филхармонија: Светски концерт на домашен терен

Фото: Вангел Тануровски

Композиторот Никола Мицевски ја карактеризира својата музика како светска, мешавина од повеќе жанрови. Таков еден светски и богат концерт направи во вторникот во Филхармонија.

Ненаметлив, секогаш во заднина, а со голема заслуга за многу досегашни успешни проекти како двата албуми „Македонско девојче“ на Каролина Гочева, преработките на „Некст тајм“, Мицевски овој пат ни ја донесе музиката што доаѓа од неговата душа.

Фото: Вангел Тануровски

Албумот „Нова ера“, кој заедно со извонредни музичари на сцената сношти го промовираше, е навистина светска музика.

„Има по малу рок, поп, етно, филмска музика, секој од вас може да си пронајде нешто што ќе му се допадне и ќе се залепи за него“, рече Никола на концертот. „Ѝ благодарам на ‘Авалон продукција’ што овозможи да се оствари еден од моите најголеми соништа.“

Фото: Вангел Тануровски

За да биде атмосферата уште помоќна е заслужен бендот, гудачката секција на чело со виолинистот Владимир Крстев, хорот од веселите битолчанки, вокалот на атрактивната Полина Тасева, саксофонистот Петар Христов, Дамир Имери на тромбон и сите што на сцената направија како да сме во ден убав и среќен филм.

Фото: Вангел Тануровски

Дел од темите на Никола се веќе познати во јавноста, како богатата „Нова ера“, „Импулс“, емотивната „Круг“, и секако „Time“, една од побурно поздравените композиции од публиката, во која гостува гитаристот Дамјан Пејчиноски.

Фото: Вангел Тануровски

Каролина Гочева беше во публиката, таа својот пријател по битолска линија и долгогодишен соработник го поддржа и на претходните концерти во Велес и во Битола. Никола и музичарите отсвиреа и една нејзина песна, убавата „Да е сон“ од албумот „Македонско девојче 2“. Мицевски им се заблагодари и на браќата Стефан и Мартин од „Некст тајм“, како и на сопругата и на ќерките што кога биле помали, велеле: „Тато направи убава приредба“. Во публиката беа и Ламбе Алабаковски, Сузана Турунџиева, членовите на групата „Маестро“.

Фото: Вангел Тануровски

Вакви квалитетни концерти заслужуваат да добијат и реприза, а Никола Мицевски е класичен пример дека сѐ успева кога се работи со љубов, а тоа му го докажа и публиката, која побара бис и заигра на крајот од концертот.

Фото: Вангел Тануровски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот