ФОТО: Наместо парк во Тетово џунгла од трева и трње

Фото: Слободен печат

Локацијата која граѓаните со години ја бараат да се пренамени во градски парк е претворена во џунгла од трева и трње, а на места има и разновиден отпад.

Се работи за површината од поранешниот спортски центар, долж булеварот Индустриска.

Фото: Слободен печат

Александар Бачевски професор по физичка култура не може да поверува што се случува со градот, кој порано важеше за расадник на спортисти кои своите први спортски активности ги започнале токму на спортскиот центар, кој сега веќе го нема, а местото е претворено во дувло и извор на зарази.

Фото: Слободен печат

„Прво направена е голема грешка со издавањето на спортскиот центар под концесија каде сега никна Луна парк. Но, кога веќе е тоа направено требаше да има алтернатива односно нов спортски центар. Мојата идеја е токму овој слободен простор кој исто така беше дел од некогашниот спортски центар што е дувло на нечистотија и извор на зарази, да се пренамени во нов спортски центар. Некогашниот спортски центар беше место за разонода, забава и спортување каде многу генерации преку тој спортски центар се оформија како позитивни личности. Со згаснувањето на спортскиот центар умре и спортскиот дух. Јас паметам дека на спортскиот центар имало до 3000 луѓе, а сега ова дувло е само извор на многу зарази“, вели Александар Бачовски.

Граѓаните кои живеат наспроти површината обрасната со трева и трње, велат дека во рамки на нивните можности ја оддржуваат. Имаат засадено дрвца, поставено клупи, но ако општината се однесува игнорантски кон ова место бадијала е се, велат тие.

Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат

„Општината е виновна, но и самите граѓани се исто така толку виновни. Поставивме чешма, но и клупи и ги испокршија, фрлаат смет насекаде. Не верувам дека ова место ќе остане читаво ако општината го пренамени во парк. Но, во краен случај, не треба вака да се остави да биде обраснато, местово стана змијарник и опасно е тука да се живее“, вели еден тетовец.

Фото: Слободен печат

Општина Тетово две години е „глува“ на барањето на иницијативата „Тетово сака парк“, која предлага локациите на поранешните фабрики „Монопол“ „Шик Јелак“ како и просторот околу „Жена-паркот“ и поранешниот Спортски центар да се пренаменат во градски парк. За иницијативата од локалната самоуправа нема позитивни сигнали, а градот сѐ повеќе се гуши во бетон, асфалт и прашина.

Минатата година градоначалникот Билал Касами на прес-конференцијата по повод една година од доаѓањето на функцијата, ја побара тетовската касарна да ја пренамени во парк.

Тој ја повика владата касарната да ја даде во владение на Општина Тетово, по што просторот би се пренаменил во модерен градски парк. Така, како што рече тогаш Касами, ќе им излезе во пресрет на тетовци, кои имаат голема потреба од ваков простор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот