ФОТО | Морбидни фотографии од битолската болница: Двајца починати и двајца на инфузија во иста болничка соба

Преземено од: Facebook/Vasco Beleski

Морбидни фотографии од битолската болница на коишто се гледа дека двајца починати пациенти прекриени со чаршаф се во иста болничка соба со двајца живи пациенти кои примаат инфузија, ја вознемири јавноста.

Преземено од: Facebook/Vasco Beleski

Директорката на клиничката болница Битола, доктор Билјана Гагачовска, потврдува дека навистина ова се случило вчера во болницата во која раководи, но дека не станува збор за ковид пациенти туку за лица што починале во тријажниот оддел. Таа тврди дека законска обврска на секоја здравствена институција е пациентот кога ќе почине два часа да остане во институцијата, а дека фотографиите се снимени во тој меѓупериод, кога се информирале семејствата, кога се повикувало погребно претпријатие и кога се организирало пренесувањето на починатите во болничката мртовечница.

-Информирана сум дека вчера амбулантски починале пациенти. Согласно законот веднаш се покриени, информирано е обезбедувањето, информирани се погребалните претпријатија и семејствата и фотографијата е снимена додека се пренесат во мртовечницата во болницата. Пациентот законски мора да остане два часа во институцијата во која што починал. Овие пациенти амбулантски примале терапија и починале. Фотографијата е снимена додека да се однесат во болничката мртовечница. Не се работи за ковид пациенти туку за пациенти во тријажниот дел, ни рече доктор Гагачовска.

Пациентите не биле ковид позитивни ниту суспектни, туку нивната здравствена состојба се влошила во тријажниот дел каде што се лекуваат или во потешка состојба доаѓаат пациенти со други заболувања.

Раководството на болницата уверува дека ги испочитувало сите законски обврски. Сепак, фотографијата предизвика многубројни реакции, а пациентите кои останале во собата до починатите многу се вознемириле.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот