ФОТО | Млади иноватори се натпреваруваа со сумо роботи, подвижни колички и во ВИ-фудбал
Автономни сумо роботи, роботски раце, голема писта со колички, систем за гласовни команди на мобилен робот, ВИ-фудбал… Сите овие работи овој викенд можеа да се забележат на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), кој беше собиралиште на млади студенти и иноватори, во склоп на финалето на 14-то издание на „РобоМак 2026“ (RoboMac 2026) – натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција.
Препорачано
Целиот настан на ФЕИТ се одржуваше од 20 до 25 април. Во активностите имаше повеќе од 70 учесници од земјава и странство, што го направи најголем настан од ваков карактер во Македонија.
„Преку оваа платформа, студентите имаа можност да се запознаат со последните технолошки иновации поврзани со роботиката, автоматиката, електрониката и вештачката интелигенција, преку богатата програма и практични работилници. Работејќи во тимови, студентите имаа можност да ги употребат своите теоретски знаења и практични вештини, истите да ги надоградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, со цел да го освојат првото место во својата категорија“, рекоа од ФЕИТ.




На натпреварот учествуваа студенти од ФЕИТ, од Машинскиот факултет и од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, распределени во 29 тимови.
Во финалето на „РобоМак 2026“ имаше шест категории. Додека едните вртеа со количките по мапа со сива боја, други учествуваа во ВИ-фудбалски натпревар меѓу тимови по три играчи – агенти програмирани со вештачка интелигенција, а трети беа дел од предизвик со роботска рака.
Исто така, млади учествуваа во предизвик за хардверско-софтверски дизајн и имплементација на автономен подвижен робот кој требаше да следи дадена патека, а имаше и иноватори кои т.н. „ЏетБот“ мораа да го научат да препознава македонски јазик од нула, но и да работи на различни гласови, во различни акустички средини и во услови на шум и бучава. Воедно, осум тимови дизајнираа и програмираа осум автономни сумо роботи, што се „бореа“ и го оттурнуваа противникот, исто така сумо робот, надвор од црниот кружен ринг.






Победници по категории се:
„Self-racing cars“
Верица Поцева, Велин Ѓоргиев, Климент Јанкулоски
„AI Football“
Стојанчо Манчев, Нино Наумоски, Стојан Јованов
„Robotic Arm Challence“
Антониј Стојменов, Жанина Хаџи-Василева, Стефан Темелкоски
„Trig, Тrack Trace“
Максим Радевски, Огнен Галески
„Voicebot Challenge“
Емануел Аврамоски, Александар Ѓоргиев, Агнеса Османи
„Sumobot Challenge“
Софија Јовановска, Адам Хрјесиќ, Филип Милевски
Паралелно со главниот настан пред неколку денови се одржа и „РобоМак Џуниор“, кој собра над 50 ученици од четврта година од 30 средни училишта од Македонија. Тие се натпреваруваа во автономна мобилна роботика и паметна електроника за автономни возила.
ФОТО | Средношколци се натпреваруваа во роботика и електроника


