ФОТО | МАНУ ги скрои плановите за 2026 година – Попов со експозе пред академиците на годишното собрание
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) го одржа редовното годишно собрание во својата Свечена сала, на кое се сумираше работата од изминатата година и беа усвоени клучните документи што ќе ја насочуваат работата на институцијата во наредниот период.
Препорачано
На седницата, претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, поднесе опсежно експозе во кое се осврна на активностите на Академијата во контекст на актуелните институционални и општествени случувања.

- Живко Попов – Фото Слободен печат – Методи Здравев
Според Попов, науката и иновациите имаат суштинска улога во технолошкиот развој, конкурентноста и вклучувањето на државата во глобалните научни текови. Тој нагласи дека високото образование е клучно за создавање кадар кој е креативен, критички ориентиран и способен да биде двигател на општествениот развој.
Оцени дека придонесот на земјата кон современите научни достигнувања не е на соодветно ниво и дека е неопходно системско зајакнување на научноистражувачката инфраструктура.
– Потребни се коренити реформи, а нивното спроведување мора да се третира како стратегиски приоритет на државата – порача Попов.
Во своето излагање тој предложи формирање на посебно Министерство за високо образование и наука, усвојување современа законска рамка и воспоставување стабилно институционално финансирање на универзитетските и научните активности. Истовремено, апелираше за поскоро донесување на измените на Законот за МАНУ, за што, според него, Академијата чека предолго.
Како клучни мерки ги наведе намалувањето на бирократските процедури, јасни критериуми за академско напредување, стимулирање на извонредноста, формирање фонд за поддршка на научни проекти, грижа за студентската популација и задржување на младиот академски кадар.
Попов нагласи дека партизацијата на државните институции и нецелосното функционирање на правосудниот систем продолжуваат да претставуваат клучни пречки за напредокот на државата во евроинтеграциите.
– Слободно може да констатираме дека во нашето општество се уште е присутна јавната генерална партизација на администрација, но и во другите државни институции кои треба да бидат независни и за жал, ваквата ситуација ќе потрае – истакна претседателот на МАНУ.
Тој предупреди дека со ваквите слабости, земјата ќе се соочи со тешкотии во процесот на преговори со Европската Унија и укажа дека партизацијата има директни последици и врз правосудниот систем.
– Вистина е дека се направени повеќе квалитетни реформи во правосудството со добри решенија, но тие имаат слаба имплементација – истакна Попов.
Посебно се осврна на работата на Судскиот совет и Академијата за судии и обвинители.
– Судскиот совет во неговото досегашно дејствување не се покажа доволно силен, убедлив и компетентен да ги наметне своите одлуки – рече првиот човек на МАНУ, изразувајќи очекување дека новиот закон ќе ја подобри состојбата. Дополнително, нагласи дека членовите мора да бидат од редот на најискусните и најеминентни правници во државата.
Во однос на здравствениот систем, рече дека државата се соочува со сериозни предизвици кои произлегуваат од партизацијата на институциите, несоодветната организација на универзитетското медицинско образование и фрагментацијата на Клиничкиот центар.
– Здравствениот систем, исто така, не го одмина генералната партизација на јавните установи, како и појавата на се посилниот приватен сектор и неговото асиметрично учество во неговото функционирање – истакна Попов, предупредувајќи дека последиците од оваа состојба се долгoroчни.
Како сериозен проблем тој го посочи неконтролираното отворање нови медицински факултети.
– Формирањето на уште два факултета, а сега на повидок е и четвртиот медицински факултет со што се разводнува и девалвира квалитетот на наставата и науката, бидејќи, според СЗО, на два милиона население следува еден медицински факултет – рече Попов.
Осврнувајќи се на управувањето со здравствените установи, тој рече дека оспоставената пракса на повеќегодишното раководење од страна на поставени в.д. директори треба да се прекине, предупредувајќи дека таквата практика води кон неефикасно раководење.
Пред присутните се обрати и секретарот на МАНУ, академик Александар Димовски, кој го презентираше финансискиот извештај на институцијата за 2025 година, како и финансиските планови за 2026 година.
Во рамките на годишното собрание беа донесени неколку важни документи. Усвоена е Програмата за работа на Македонската академија на науките и уметностите за 2026 година, годишните сметки на МАНУ за 2025 година по одделни сметки, како и финансиските планови за 2026 година. Академиците го усвоија и Извештајот за работата на МАНУ за 2025 година.

- Годишно обраќање на МАНУ – 2026 – Фото Слободен печат – Методи Здравев
Од Академијата информираат дека и годинава годишното собрание предизвикало интерес кај пошироката јавност. На настанот присуствувале претставници на Владата, на локалната самоуправа, на верските заедници, на дипломатскиот кор, како и претставници од научноистражувачката и уметничката сфера.

- Годишно обраќање на МАНУ – 2026 – Фото Слободен печат – Методи Здравев
Според информациите од МАНУ, ваквиот интерес уште еднаш покажува дека работата на Академијата, како највисока институција во научната и уметничката сфера во државата, и понатаму има значајно место во општествените случувања.
Ѓорѓиевски: Соработката со МАНУ е клучна за развојот на градот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, присуствуваше на редовното годишно собрание на МАНУ.

- Годишно обраќање на МАНУ – 2026 – Фото Слободен печат – Методи Здравев
Тој истакна дека соработката меѓу институциите, локалната самоуправа и академската заедница е од исклучително значење за креирање одржливи политики, особено во областите на безбедноста, инфраструктурата и системската подготвеност за предизвиците со кои се соочува општеството.
Ѓорѓиевски потенцираше дека Град Скопје останува отворен за продлабочување на соработката со МАНУ, со цел преку заедничко знаење, експертиза и визија да се придонесе кон подобар развој и посигурна иднина за граѓаните.


