ФОТО | Љубов во секоја буква: Маж ѝ напишал 14 писма на саканата, а пораката што ја криеле ѝ го промени животот!
Во текот на нивната врска, еден маж ѝ напишал 14 писма на својата девојка, кои кога се наредени по ред, тајно ја формираат пораката „ЌЕ СЕ ОМАЖИШ ЛИ ЗА МЕНЕ?“ (на англиски: „WILL YOU MARRY ME?“).
Препорачано
Кога Џесика Џералис го добила своето прво љубовно писмо од Ијан Коркоран во јануари 2022 година, шест месеци откако започнале да се забавуваат, не ѝ се сторило ништо невообичаено што првиот збор започнува со буквата „W“. Ако првата буква од првиот збор во наредните 13 писма била наредена по ред, можеби ќе сфатела дека тие заедно ја формираат романтичната реченица. Но, Коркоран паметно ѝ ги давал писмата во различен редослед, за Џералис да не насети дека тие всушност се дел од неговото внимателно испланирано запросување.

Генијален долг план
Коркоран размислувал на долг рок. Тој направил дупликат од секое писмо што ѝ го напишал на Џералис и ги чувал во заклучена кутија. Откако го завршил последното писмо, ги уредил сите 14 во правилен редослед и ги врамил. Овој пат, првите букви од првите зборови ги истакнал со задебелување и зголемување, за Џералис јасно да ја види тајната порака – предлог за брак.
На 15 февруари, Коркоран конечно бил подготвен да го постави прашањето во Палисејдс Парк, Калифорнија.
„Прво ми го даде последното писмо и ми ја подаде рамката, а јас забележав дека последното писмо беше потпишано ‘Со љубов, твојот свршеник’ наместо ‘Со љубов, Ијан’. Кога го погледнав, веќе беше на едно колено“, раскажува Џералис за „Пипл“. „Веднаш заплакав“.
„Мислам дека двајцата малку се изгубивме во моментот, бидејќи ниту тој ниту јас не се сеќаваме што точно кажа. Само плачевме, и тој ми го стави прстенот“, додава таа.

Иако тој ден биле во идентични аутфити, Џералис немала поим дека ќе биде запросена. Случајно облекла дуксер од брендот „Паркс проџект“, па кога Коркоран го видел, решил да го облече истиот што таа му го подарила за Божиќ.
„Не ми беше ова првиот избор за облека за запросување, но бидејќи совпаѓањето ни е типично, се пошегувавме дека ненамерно направивме реклама за нив“, вели Џералис.

Совршен момент и изненадување
Додека парот се наоѓал во паркот, случајна минувачка го забележала нивниот фотограф и одлучила да го сними запросувањето од далечина. Џералис подоцна ја споделила снимката на ТикТок на 19 февруари, со натпис: „Пресреќна сум во моментов“. Видеото собрало околу 4 милиони прегледи и над 750.000 лајкови.
„Многу од писмата ме нарекуваат ‘4ЕАА’ (forever and always – засекогаш и секогаш) и зборуваат за тоа како сум најдоброто нешто што му се случило и колку е благодарен што сме заедно. Повеќето алудираа на тоа дека ќе го поминеме животот заедно, но толку често разговаравме за тоа што не ни помислив дека ги користи за запросување. Апсолутно немав поим што прави“, раскажува Џералис.
Откако го добила првото писмо во јануари 2022, Џералис ги добивала останатите спорадично во текот на следните три години – за годишнини, празници, родендени или едноставно без посебна причина. Повеќето писма ѝ биле предадени рачно од Коркоран, но неколку ѝ биле испратени по пошта, бидејќи нивната врска на почетокот била на далечина.

Иако живееле само 15 минути еден од друг, Џералис и Коркоран не се запознале сè додека не отишле на забава кај заеднички пријател во Филаделфија во јуни 2021 година. Веднаш се поврзале, па Џералис му го дала својот број. Разговарале неколку недели без прекин, а потоа таа отпатувала во Сан Диего, каде што Коркоран живеел во тој период.
„Јас му предложив да бидеме во врска, и издржавме на далечина нешто повеќе од една година, пред да се преселам во Сан Диего кај него во септември 2022“, објаснува Џералис.

По запросувањето, Коркоран ја одвел Џералис во станот на нивниот пријател, каде што ја чекало изненадувачка забава за свршувачка. Сите нивни пријатели од Сан Диего биле таму за да го прослават големиот момент.
„Тоа беше апсолутно совршен ден, а тој е совршен животен партнер“, вели Џералис.


