ФОТО | Љубов, евергрини и повеќе од 15 музичари на сцена: МНТ подготвен за музичката магија на Дац и Александар
Со два концерти на 6 и 7 март во Македонски народен театар (МНТ), Драган Спасов Дац и Александар Митевски ќе го одбележат Денот на жената со специјална музичка програма и изненадувања за публиката. Интересот за настанот е огромен, а според процените, има простор за уште концертни вечери.
Препорачано
Директорот на МНТ, Никола Кимовски, истакна дека станува збор за настан кој одамна ѝ бил потребен на публиката, концерт што не е само музичко доживување, туку вистинска прослава. За сите што не успеале да обезбедат билет, „условно третиот“ концерт е закажан за 18 јуни, со отворањето на Летната сцена на МНТ, која трета година по ред се одржува во чест на прерано починатиот актер Славиша Кајевски.

Дац, кој првпат на сцената на МНТ ќе се појави како пејач, а не како актер, најавува вечер исполнета со емоција, љубов и музика што допира до душата. На репертоарот ќе се најдат нивните хитови и евергрини, добро познати на публиката од настапите низ Македонија.
Настапот ќе биде збогатен со специјална сценографија, врвно осветлување и звук, како и со придружниот бенд „Дрим тим“. Иако се најавени и специјални гости, нивните имиња засега остануваат изненадување.
На прес-конференцијата беше промовиран и првиот винил на дуото, по успехот на хитот „Уште ми фалиш“. На плочата се најдоа песните што ги создадоа од 2019 година до денес, меѓу кои „Цреши охридски“, „Душа бакшиш“, „Четири страни“ и „Љуби ме“.

Дополнителна емотивна тежина на концертите им дава и најавата дека Дац наскоро ќе замине во пензија, што овие настапи ги прави уште посебни за неговата публика. Интересно е што концертите не се реализираат со класична маркетинг-кампања и посебен протокол за рекламирање, уметниците самостојно ја водат комуникацијата со публиката, што уште еднаш покажа дека нивната автентичност и непосредност се доволни за салата да биде исполнета до последното место.



