Фото: Reddit / deletedis

ФОТО | Купил чевли стари 60 години за 30 евра, па сфатил дека пронашол вистинско богатство

Еден Канаѓанец помислил дека наишол на одлична зделка кога нашол пар винтиџ мокасини од „Гучи“ за само 31 евро во продавница за половна облека, но тоа било само почеток на една неверојатна приказна. Чевлите криеле тајна што фрла нова светлина врз историјата на познатиот италијански бренд, пишува „Њузвик“.

Џастин Лемеј од Квебек, Канада, ги купил чевлите за само 50 канадски долари (околу 31 евро) во локална продавница за половна облека и обувки.

– Продавницата е веднаш до продавницата каде што одам да купам намирници, па затоа често застанувам. Секогаш барам квалитетни работи, облека и чевли, а овие беше тешко да не се забележат – рекол Лемеј.

Фото: Reddit / deletedis

Лемеј не можел да поверува колку добро биле зачувани чевлите повеќе од 40 години откако биле купени, па затоа решил да ги купи и покрај една голема мана.

– Беа неверојатно чисти, сè уште ги имаа калапите и доаѓаа со оригиналната кутија и крпа за полирање. Состојбата беше беспрекорна. Единствениот проблем беше што беа за еден број помали за мене, но едноставно не можев да ги оставам – рекол тој.

Лемеј набрзо открил дека  не се работи само за стар пар дизајнерски чевли. Кога ги донел мокасините дома, ја забележал етикета на ѓоновите што променила сè: „Gucci, HECHO EN MEXICO 1966“ („Гучи“ изработено во Мексико, 1966).

Фото: Reddit / deletedis

Тој не знаел дека „Гучи“, италијански бренд, некогаш произведувал чевли во Мексико. Но, квалитетот на изработката и натписот „Manufacturado por Vomo S.A. DE C.V.“ на дното од кутијата го натерале да се задлабочи во приказната.

– Тоа ме наведе да направам мало истражување. Во текот на 1960-тите, „Гучи“ поминуваше низ чуден период каде што брендот беше доста неорганизиран и во голема мера се потпираше на лиценцирање. Во исто време, Мексико имаше строги ограничувања за увоз што го отежнуваа увозот на италијански луксузни стоки, иако имаше голема побарувачка во туристичките области – објаснил тој.

Лемеј открил дека „Гучи“ лиценцирал неколку компании за производство на чанти, чевли и други кожни производи што се продаваа во Мексико во тоа време.

– Еден од членовите на семејството „Гучи“ наводно живеел во Мексико и работел со врвни работилници за кожа, како што е во Гвадалахара, за да ги произведува производите локално за тамошниот пазар – рекол Лемеј.

Воодушевен од откритието, Лемеј ја споделил својата приказна на „Редит“, каде што неговата објава добила повеќе од 3.000 гласови „за“.

Некои корисници ја потврдиле приказната за производството на „Гучи“ во Мексико во коментарите.

– Мајка ми работеше во фабрика на Гучи во Мексико! – напишал еден корисник.

– „Леон“ во Гванахуато е познат по изработката на каубојски чизми по нарачка. Логично е дека таму би изработувале и кожни чевли за „Гучи“ – додал друг.

Фото: Reddit / deletedis

Додека некои изразија скептицизам, тврдејќи дека сè што „Гучи“ произведува надвор од Италија веројатно би било лажно, Лемеј вели дека квалитетот на изработката на чевлите сугерира поинаку.

– Овие чевли се исклучително добро изработени. Според мене, тие се споредливи, а во некои аспекти дури и подобри од некои од италијанските мокасини на „Гучи“ од истиот период, особено во однос на квалитетот и мекоста на кожата и кројот – додал тој.

За Лемеј, откривањето на потеклото на мокасините било посебно искуство.

– Дел од шармот на купувањето на половни работи не е само пронаоѓањето вредни или интересни предмети, туку и откривањето на историјата зад нив. Иако овие чевли не се вклопуваат во вообичаената приказна на „Гучи“ дека се „произведени во Италија“, тие претставуваат фасцинантно поглавје во историјата на брендот – рекол тој.

Лемеј доби бројни комплименти за неговата колекција, а чевлите се проценуваат на вредност од околу 350 долари (околу 300 евра). Поради интересот од колекционерите, тој сега планира да ги продаде.

– Навистина сум љубопитен каде ќе завршат – заклучил тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот