Фото-книгата „Во главата пишувам расказ“ на Елизабета Баковска и Сашо Димоски ќе биде промовирана во КИЦ

Промоцијата на книгата „Во главата пишувам расказ“ на авторите Елизабета Баковска и Сашо Димоски ќе се одржи на 16 март, со почеток во 20 часот, во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје.

Промотори на книгата ќе бидат писателката Оливера Ќорвезироска и историчарот на уметноста Владимир Јанчевски. Истовремено со промоцијата ќе биде отворена и изложбата на портрети „12 + една“ на фотографот Сашо Димоски.

Книгата „Во главата пишувам расказ“ на писателката Елизабета Баковска и фотографот Сашо Димоски е создадена како специфично партнерство на двајца автори што работат во различен медиум. Креативниот спој на 64 лирски прозни минијатури со 115 фотографии, чија нарација буди слободни асоцијации, е резултат на целото нивно образование, знаење и искуство.

– Книгата „Во главата пишувам расказ“ е прозен, лирски, животен „сендвич од деца и возрасни, прво како зајре, а потоа како лепче“; книга за родители и за нивните деца кои станале родители; за мајка и ќерка која станала мајка… Книга за последните денови од животот и за првите денови на смртта; за краткиот период во нашите животи кога истовремено ги играме двете улоги во животот: некому сме дете, другему – родител; визуелно – текстуална – емоционална мапа на едно постоење или најмногу од сѐ: вистинска книжевна Виа Долороса на Баковска, за која таа во 42. расказ вели дека е еднаква на „патот од кујната до спалната“ и дека е „долга две недели“, а јас би додала дека е бескрајна и безвремена, впечатлива кота на картата на најновата македонска книжевност – заклучува Оливера Ќорвезироска во својот предговор кон книгата.

Со наслов „За сликите што се пишуваат во главата“ свој текст како предговор во книгата на Баковска и Димоски има и историчарот на уметноста Владимир Јанчевски, кој меѓу другото, пишува за подемот и сеприсутноста на фотографијата, како и за спојувањето и авторската соработка меѓу двајцата автори.

– Ова е нивна трета соработка. Ако првата е „поедноставна“ фото-илустрација и дизајн за поетската збирка „Варварите сѐ уште пишуваат поезија“ (2015), ако втората е изложба на фотографии подготвена заедно со промоцијата на книгата раскази „Последните голтки“ (2018), тогаш можеме да кажеме дека оваа книга е резултат на една многу покомплексна форма на соработка – посочува Јанчевски.

Тој додава дека „оваа фото-книга е резултат на многу специфично, рамноправно коавторско партнерство помеѓу двајца автори кои работат во различен медиум. Всушност, воопшто за чистотата на медиумите не ни може да стане збор, без да се укаже дека нивното одвојување како литература и визуелни уметности е артифициелно и се однесува на само една димензија од комплексната динамичка структура на секоја од уметностите. Зборот е неизбежно врзан за сликата, а визуелното за концептот и вербалното“.

Елизабета Баковска

Расказите објавени во „Во главата пишувам расказ“ на Елизабета Баковска се пишувани во периодот од 7 септември до 26 октомври 2018 година. Во период од 50 денови беа објавени вкупно 64 раскази на социјалната мрежа „Фејсбук“. Тие се однесуваат на компресирани сеќавања и размислувања поттикнати од испраќањето и упокојувањето на нејзината мајка.

Авторските фотографии на Сашо Димоски се направени во различни временски периоди и со различна опрема и техники. Во книгата има и неколку фотографии од семејната архива на Баковска, но има и неколку наменски направени фотографии. Книгата „Во главата пишувам расказ“ е објавена како самиздат.

– Книгава ја издадовме сами водени од истата мотивација поради која со години вложуваме во себе. Ние живееме, се надоградуваме и се облагородуваме со културата и постојано учиме за неа и од неа. Сметаме дека е исклучително важно за интелектуалниот развој на еден човек, за неговата душевна исполнетост, за неговото посвесно живеење, да искуси еден добар културен производ – книга, музичко дело, слика, фотографија, филм… Затоа, веруваме и дека е важно тој културен производ да допре до јавноста, секогаш кога тоа е можно, без печати на комисии што го одобриле и без калкулативност во однос на некоја потенцијална заработка од него – објаснија авторите во интервју за „Културен печат“, објавено во бројот 115, на 5-6 февруари 2022 година.

Изложбата на портрети „12 + една“ на фотографот Сашо Димоски содржи тринаесет портрети: дванаесет на мажи и еден на жена. Портретната фотографија е една од темите на кои Димоски се навраќа последниве десетина години, и преку поединечни фотографии и преку изложби, поставени како во виртуелниот, така и во реалниот простор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот